АЛАРМ КАЈ СТОЧАРИТЕ Бараат итна вакцинација, АХВ тврди дека регира навреме

Сточарите предупредуваат дека изолирањето на жариштата не е доволно за спречување на ширењето на болеста.

АЛАРМ КАЈ СТОЧАРИТЕ Бараат итна вакцинација, АХВ тврди дека регира навреме
Фото: Принтскрин

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги отфрла обвинувањата дека ненавремено реагира на појавата на сипаници кај малите преживари, уверувајќи дека се преземаат сите неопходни мерки за спречување на ширењето на заразната болест.

Од АХВ велат дека ја разбираат загриженоста на сточарите, но апелираат до сите засегнати страни доследно да ги почитуваат пропишаните мерки, со цел што поефикасно справување со болеста.

Според Агенцијата, по секоја лабораториска потврда на присуство на вирусот веднаш се постапува согласно националните протоколи и меѓународните стандарди.

На терен, по секој потврден случај, без одлагање се преземаат мерки за ставање на жариштето под контрола, воспоставување заштитни и надзорни зони, спроведување детални епидемиолошки истраги и ограничување на движењето на животните, со цел да се заштити сточниот фонд и да се спречи натамошното ширење на заразата.

Во однос на критиките за бавните процедури и координацијата со останатите институции, од АХВ појаснуваат дека секоја институција постапува во рамките на своите законски надлежности. Оттаму посочуваат дека Агенцијата нема мандат да им наложува конкретни чекори на други институции, туку соработува преку воспоставениот систем за меѓуинституционална координација.

Мерките, како што велат од АХВ, се носат врз основа на стручни анализи и проценки на експертска група.

Од друга страна, сточарите и понатаму бараат итно да започне вакцинација на невакцинираниот сточен фонд. Тие сметаат дека само изолирањето на жариштата и уништувањето на заболените животни не се доволни за да се спречи понатамошното ширење на болеста.

Реакцијата на АХВ следува по денешниот состанок со претставници на одгледувачите на овци, кои предупредија дека состојбата на терен е алармантна и побараа државата итно да преземе дополнителни мерки за заштита на сточниот фонд.

CATEGORIES
Share This