Во 2001 станавме збирштина на заедници, потребна е македонска национална држава – еве зошто

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Понеделник, 19 мај 2025 година
Своевремено, Караванот на Единствена Македонија секојдневно на средби со граѓаните низ Македонија ја подели платформата на Единствена Македонија насловена како „Битка за Македонија„ во 100.000 примероци со цел народот одблиску да се запознае со Платформата.
Платформата содржи десет стратешки определби за Македонија и Македонците кои правам обид детално да ги образложувам со оглед на ограничените медиумски можности каде во најголем дел имам забрана за настапување.
Во оваа колумна ја изложувам определбата во која велиме: „Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право.
Еве ги причините во однос на оваа определба:
Веднаш да кажам дека современа меѓународна заедница базира на концептот на национални држави со почитување на човековите и малцинските права.
Поточно, уставите на европските држави содржат референца за мнозинскиот народ, односно започнуваат со „ние народот“ оти едно од основните права што ги гарантира современото меѓународно право е правото на самоопределување на народите кое е трајно право и кое постои се додека постои народ како негов титулар. Согласно ова, еве како стојат работите во европски устави:
Германскиот устав од 1949 година во Преамбулата меѓудругото зборува за реализација на правото на самоопределување на германскиот народ.
Преамбулата на францускиот устав од 1958 година ја содржи реафирмацијата на приврзаноста на францускиот народ кон Декларацијата од 1789.
Во Уставот на Словенија се зборува за трајно и фундаментално право на словенечкиот народ на самоопределување/…/ во чија основа лежи трајното и неотуѓиво право на словенечкиот народ на самоопределување.
Хрватскиот устав ја дефинира Хрватска како „националан држава на хрватскиот народ“.
Словачкиот устав започнува со „Ние, словачкиот народ.
Романскиот устав зборува за независна, унитарна и неделива национална романска држава.
Во летонскиот устав се вели дека летонскиот народ го усвојува/…/ следниот Устав. Естонија во Преамбулата ја искажува непоколебливата волја и верба за опстојување на сопствената држава која се заснова на неуништивото право на естонскиот народ на самоопределување.
Литванската преамбула која зрачи со многу поетика – вековната државност, борба за слобода и независност на литванскиот народ.
Албанскиот устав, според преамбулата, го донесува народот на Албанија кој ја потенцира „вековната аспирација на албанскиот народ за национален идентитет и единство.
Да не ја оптеретувам понатаму колумната со дополнителен текст, тука ќе застанам со набројувањето.
Од примерите јасно се гледа дека уставите содржат референца на мнозинскиот народ и историскиот континуитет на односните народи.
Меѓутоа, Република Македонија со капитулантскиот рамковен договор од 2001 година е сведена на некаква збирштина на заедници и затоа овој договор и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свест оти од спомнатите заедници во уставот, сите имаат или се идентификуваат со свои матични држави, а само Македонците останаа без своја национална држава.
Настрана фактот што и првичниот процент од 25,17 отсто од 2002 година врз основа на кој албанците почнаа да ги добиваат правата е фалсификуван со пописот во 2002 година за што подетално имам пишувавано, а своеверемно Единствена Македонија поднесе и кривична пријава за фалсификуваниот попис од 2002, но, пријавата остана закочена во обвинителските фиоки.
Од изнесеното основано се изведува заклучокот дека треба да си ја вратиме назад македонската национална држава.
Патем, денеска сите современи држави се национални држави, кои, во своите устави содржат референца за мнозинскиот народ, освен Белгија и Швајцарија, но, овие држави немаат автохтоно домородно население, односно во Швајцарија нема Швајцарци (Французи/Германци/Италијанци) и Белгија која нема Белгијанци (Фламанци/Валонци).
Заклучно, Македонците останаа без своја национална држава, Македонија е редефинирана и го изгуби националниот карактер со капитулантскиот рамковен договор од 2001 година.
Според тоа, Република Македонија треба да биде конституирана како национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право.
Единствена Македонија ветува дека ќе ја спроведе и оваа определба од Платформата „Битка за Македонија“.





