ПУКНА ВО ЗНАМ – Цеков ја напушти партијата
Жестоки обвинувања за раководството и отворени несогласувања околу курсот на партијата.

Пратеникот Миле Цеков ја напушти партијата ЗНАМ и повеќе не е дел од владејачкото мнозинство во Собранието. Од сега натаму, тој ќе делува како независен пратеник, најавувајќи дека ќе ги поддржува само оние политики и законски решенија што се во интерес на граѓаните.
Како главни причини за оваа одлука, Цеков го посочи незадоволството од бавното спроведување на реформите и недоволната борба против корупцијата. Според него, промените што ги очекувал не се реализирале во пракса, а системот и натаму останува оптоварен со криминал и коруптивни појави.
Тој истакна дека во политиката влегол со цел да придонесе за суштински промени, а не да се прилагоди на постојните состојби. По две години како дел од власта, оценува дека очекуваните резултати изостанале, што довело до длабоки несогласувања со раководството на партијата.
Цеков се дистанцираше од партиските позиции и во однос на евроинтеграциите, нагласувајќи дека не гледа пречки за вметнување на бугарскиот етникум во Уставот и дека тоа не претставува загуба за државата. Тој повика на промена на политичкиот дискурс и поинаков пристап во односите со соседните земји.
Иако излегува од мнозинството, Цеков не прецизира дали ќе се приклучи кон опозицијата, но посочи дека е отворен за соработка со сите кои ги делат неговите принципи и вредности. Со неговото заминување, пратеничката група на ЗНАМ сега брои пет пратеници.
