ПСИХОЛОШКАТА СОСТОЈБА ЗАГРИЖУВА – Мицкоски со остар напад врз раководството на СДСМ

Премиерот обвини за систематско ширење невистини и политичка манипулација.

ПСИХОЛОШКАТА СОСТОЈБА ЗАГРИЖУВА – Мицкоски со остар напад врз раководството на СДСМ
Фото: Национал

На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски остро ги критикуваше ставовите на опозициската СДСМ во врска со евроинтегративниот процес.

Тој оцени дека изјавите на партијата се „збунувачки и чудни“, насочени не кон вистината, туку кон создавање сензација и политички поени. Според него, опозицијата нема јасна стратегија ниту конструктивен пристап за јавна дебата, туку се води од потребата да го задржи раководството по евентуален изборен пораз.

Мицкоски обвини дека СДСМ систематски шири невистини, потсетувајќи на, како што рече, неоснованите тврдења за празен буџет, неисплатени плати и пензии, како и најавите за економски колапс. Наместо тоа, истакна дека државата не само што не банкротирала, туку бележи позитивни резултати во регионот.

„Ова укажува на сериозна психолошка состојба во која се наоѓаат. Начинот на кој комуницираат и пораките што ги испраќаат будат загриженост за здравствената состојба на одредени поединци во актуелното раководство на СДСМ. Јавноста веќе сведочи на кампања и речник што не доликуваат на политичката сцена во Македонија“ – изјави Мицкоски.

Тој додава дека можеби треба да се размисли и за воведување лекарско уверение како услов за учество во партиските органи.

Премиерот ги спомена и обвинувањата за договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, за кои рече дека не се реализирале, особено најавите дека во април ќе има прилив на мигранти. Дополнително, посочи дека и критиките за наводно блокирани европски интеграции биле демантирани од Брисел, вклучително и од европратеникот Томас Вајц.

Во однос на евроинтеграциите, Мицкоски нагласи дека не прифаќа пристап кој вклучува отстапки надвор од Копенхашки критериуми, како билатерални договори и историски прашања да станат услов за напредок.

Тој предупреди дека во наредниот период комуникацијата од СДСМ ќе биде насочена кон создавање алиби за евентуален изборен пораз, вклучително и можноста партијата да ги бојкотира изборите. Како ризик, наведе дека со таков потег би ги изгубиле правата што им следуваат според законите, како учество во изборни тела и институции.

На крајот, Мицкоски порача дека Владата останува фокусирана на граѓаните, без оглед на политичките потези на опозицијата.

CATEGORIES
Share This