БРЗ ВОЗ ДО АЕРОДРОМОТ ЗА 8 ДО 11 МИНУТИ Изградбата почнува напролет
Николоски најави железничко поврзување на центарот на Скопје со аеродромот, нови линии кон Илинден и Волково и набавка на современи патнички возови.

Изградбата на брзата железничка врска меѓу центарот на Скопје и Меѓународниот аеродром во Петровец треба да започне напролет, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Првата делница ќе ги поврзе Новата железничка станица и аеродромскиот терминал, а патувањето ќе трае од осум до 11 минути.
Проектот е дел од поширок план за развој на скопскиот градски железнички превоз. Предвидена е нова постојка во Кисела Вода, кај населбата „11 Октомври – бараки“, како и подобро усогласување на возовите со линиите на ЈСП и поставување велосипедски постојки.
Планирани се и две нови линии, едната преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село, а другата од Волково преку Ѓорче Петров, Скопје Север и Бутел до Новата железничка станица.
Паралелно се модернизира и возниот парк. Преку ЕБОР се набавуваат пет електрични локомотиви, а со поддршка од Светска банка се финализира набавката на четири до шест нови патнички возови, опремени и со простор за велосипеди и домашни миленици.

