ЕДЕН МЕСЕЦ БЕЗ ТРАГА ОД ЉУПЧО Семејството бара одговори од институциите
Еден месец неизвесност за семејството на Љупчо – најблиските велат дека сами трагаат по информации и бараат од институциите конкретни одговори за досегашната потрага.

Точно еден месец помина откако му се губи трагата на Љупчо, а неговото семејство и понатаму живее во неизвесност. Денеска неговите најблиски повторно упатија апел до јавноста и побараа од надлежните институции конкретни информации за тоа што досега е преземено во потрагата.
Неговиот внук Дарко вели дека семејството веќе еден месец се соочува со страв, неизвесност, но и надеж дека Љупчо ќе биде пронајден. Во отсуство на конкретни информации, тие самите се обидуваат да дојдат до сознанија и да ги реконструираат неговите последни движења.
„Сами бараме, сами собираме информации, сами се обидуваме да составиме каде и како се движел во последните денови. И тука морам јавно да прашам: што се случува со потрагата?“, пишува Дарко.
Тој посочува дека, иако исчезнувањето е пријавено, семејството досега не добило конкретен одговор од институциите за преземените активности.
„Јас, како член на семејството, до ден-денес немам добиено никаква конкретна информација од ниту една институција за тоа што е преземено и што е проверено“, наведува тој.
Дополнително, Дарко поставува прашање зошто Љупчо, според неговите тврдења, не се појавува ниту на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи со лицата по кои се трага.
„Љупчо е пријавен како исчезнат, а сепак не го гледаме ниту на официјалната страница на МВР меѓу исчезнатите лица“, додава тој.
Семејството повторно апелира до сите граѓани кои имаат каква било информација за Љупчо или за неговите последни движења да ја споделат со надлежните институции или со неговите најблиски. По еден месец без конкретен одговор, семејството бара институциите јавно да информираат што е направено досега и дали потрагата продолжува со целосен интензитет.

