54 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА, А СЕГА НОВА ЕРА Струшкиот турнир подготвува ракометен спектакл
Шест екипи од Македонија и регионот од 12 до 15 август ќе се борат за престижниот трофеј, додека организаторите најавуваат нова етапа за легендарниот турнир.

Министерството за спорт е главен покровител на 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“, кој ќе се одржи од 12 до 15 август на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“.
Еден од најстарите и најпрепознатливи спортски настани во Македонија и годинава ќе ги собере ракометните екипи во Струга. Турнирот се организира од страна на РК Струга, со поддршка од Ракометната федерација на Македонија.
На прес-конференцијата по повод најавата на турнирот, министерот за спорт Борко Ристовски ја истакна поддршката од Владата и Министерството за спорт, нагласувајќи дека ваквите настани се дел од спортската историја и традиција на земјата.
Ристовски порача дека Струшкиот турнир повеќе од пет децении е важен дел од македонскиот ракомет и најави дека институциите ќе продолжат да го поддржуваат неговиот развој.
„Струшкиот турнир навистина претставува историја за македонскиот спорт, за ракометот, но и за Струга и Македонија. Верувам дека од следната година турнирот ќе расте“, истакна Ристовски.
Тој најави и иницијатива за реконструкција на спортското игралиште во Струга, со цел турнирот во иднина да добие услови за развој и да прерасне во настан од полузатворен тип, по примерот на познатиот турнир во Добој.
Министерот посочи дека Струга традиционално е еден од најзначајните центри за развој на ракометни таленти и дека турнирот има дополнително значење бидејќи во текот на неговото одржување градот живее во знакот на спортот.
Од организацискиот одбор, спортскиот директор на РК Струга Милчо Чакарески, оцени дека годинашното издание претставува почеток на нова етапа за струшкиот ракомет.
„Струшкиот ракометен турнир е многу повеќе од неколку натпреварувачки денови. Тоа е заедничка приказна која ја градиме веќе 54 години“, порача Чакарески, упатувајќи благодарност до Владата, Министерството за спорт, РФМ, учесниците, спонзорите и волонтерите.
На годинашното издание ќе настапат шест екипи, поделени во две групи.
Група А: Вардар, Бутел Скопје и Прилеп.
Група Б: Струга, Охрид и српскиот претставник Дубочица од Лесковац.
Историјата на турнирот покажува дека најуспешни се Вардар и Еурофарм Пелистер, со по 14 освоени трофеи. Минатогодишниот победник е Охрид, кој во финалето го совлада Бутел Скопје и за првпат во историјата го освои престижниот струшки трофеј.
- издание на турнирот од 12 до 15 август повторно ќе ја претвори Струга во центар на македонскиот и регионалниот ракомет.

