25 ГОДИНИ ОД КАРПАЛАК Мицкоски и Филипче со почит, Бачев бара одговорност, има докази за местењето на бранителите
Премиерот порача дека жртвата не смее да биде заборавена, Филипче повика на единство, а Бачев тврди дека трагедијата можела да биде спречена.

Дваесет и пет години по трагедијата кај Карпалак, Македонија повторно се сеќава на десеттемина прилепски бранители кои на 8 август 2001 година ги положија своите животи.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека 8 Август е датум кој не е само дел од календарот, туку е трајно врежан во колективната меморија на македонскиот народ. Тој нагласи дека времето не ја избришало болката ниту ја намалило почитта кон загинатите, а Карпалак останува заедничка рана и обврска да се памети.
„Нека е вечен споменот за хероите од Карпалак. Вечна им слава“, порача Мицкоски, повикувајќи на држава во која почитта кон оние што ја исполниле својата должност кон Македонија ќе биде над политиката и поделбите.
Со порака на почит и сеќавање се огласи и претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој порача дека жртвата на бранителите останува дел од колективната меморија и обврска на сите, а Карпалак не смее да остане само датум во календарот.
Според Филипче, трагедијата треба да биде потсетник дека мирот и стабилноста се градат со одговорност, а не со поделби, додека иднината на Македонија треба да се гради заеднички, без страв и омраза. Тој упати почит и кон семејствата на загинатите бранители.
„Пред 25 години овие млади луѓе ги положија своите животи исполнувајќи ја должноста кон татковината. Нивната жртва останува дел од нашата колективна меморија и обврска – порача Филипче.
Но, 25 години подоцна, покрај сеќавањето и оддавањето почит, останува и прашањето за одговорноста.
Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, тврди дека постоеле сознанија за присуство на вооружена група на локацијата кај Карпалак уште во јули 2001 година, односно повеќе од еден месец пред трагедијата. Според него, во службените документи на безбедносните структури биле содржани информации за бројноста, движењето и активностите на вооружената група, како и за нејзината локација.
Бачев тврди дека биле изготвени и оперативни анализи со насоки за обезбедување на просторот околу автопатот и безбедно минување на конвоите кон Тетово, но дека по тие сознанија не било постапено соодветно.
Тој отвора и прашања за отстранувањето на безбедносниот пункт на автопатот Скопје–Тетово во близина на Карпалак, како и за реакцијата на безбедносните структури по нападот и времето потребно за обезбедување помош на нападнатите бранители.
„Сознанија имаше, а ништо не се презеде“, тврди Бачев, според кого трагедијата можела да биде спречена доколку навреме биле преземени соодветни безбедносни мерки.
За Бачев, трагедијата сигурно ќе беше избегната, доколку само со еден хеликоптерски прелет беше збришана оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеше локацијата, движењето, вооруженоста, распореденоста, бројноста на групата и слично! Карпалак не смее да биде само годишнина на која се оддава почит, туку и случај за кој мора да се утврди институционалната и личната одговорност.
Додека државниот врв на 25-годишнината испраќа пораки за почит, сеќавање и единство, останува отворено прашањето што се случувало во безбедносните структури пред и по трагедијата и дали можело да се спречи загинувањето на десеттемина бранители.
Карпалак останува симбол на една од најтрагичните страници од конфликтот во 2001 година – со имиња и семејства кои не смеат да бидат заборавени, но и со прашања за одговорноста на институциите кои и по четврт век сè уште бараат одговор.
На 8 август 2001 година, во заседа кај Карпалак беа нападнати припадници на македонските безбедносни сили. Загинаа Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

