ЌЕ ГИ ЗЕМЕ ЛИ ДРЖАВАТА ПАРИТЕ ОД ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ Експерт со јасна порака: Тоа не е решение
Од АДПФ предупредуваат дека евентуална национализација може само привремено да го намали дефицитот на ПИОМ, но нема да ја реши одржливоста на пензискиот систем, додека средствата во вториот столб се сопственост на осигурениците.

Национализацијата на средствата од вториот пензиски столб може краткорочно да обезбеди дополнителни средства за државниот пензиски фонд, но на долг рок нема да го реши проблемот со неговата одржливост. Ова го истакна директорот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ), Марјан Николовски, коментирајќи ги јавните дебати околу можноста средствата од вториот столб да се префрлат во државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).
Според Николовски, средствата акумулирани во вториот пензиски столб се приватна сопственост на осигурениците и не можат да бидат одземени.
„Воведувањето на вториот столб беше токму заради релаксирање на обврските на првиот столб. Кога ќе започне масовната исплата на пензии и од двата столба, околу половина од обврските ќе ги преземе вториот столб, додека ПИОМ и понатаму ќе располага со повеќе од две третини од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување“, изјави Николовски.
Тој нагласи дека наместо еднократни решенија, реформите треба да бидат насочени кон постепено подобрување на финансиската одржливост на пензискиот систем.
147 корисници веќе примаат пензија од вториот столб
Според најновата анализа на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), заклучно со 30 јуни 2026 година, вкупно 147 лица примаат пензија од вториот пензиски столб. За нив досега се исплатени околу 1,45 милиони денари нето, а просечната месечна исплата изнесува 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на овие корисници е 22 години, додека просечната пензиска основица достигнува 38.880 денари.
Најголем дел од корисниците добиваат минимална пензија
Податоците покажуваат дека 113 лица, односно 77 проценти од сите корисници, средствата од вториот столб ги користат за обезбедување на минималниот пензиски износ. Кај оваа категорија просечната месечна исплата изнесува 10.168 денари. Од нив 75 корисници добиваат повеќе од 8.000 денари месечно а 38 корисници примаат меѓу 4.001 и 8.000 денари. Во групата на пензионери кои остваруваат пензија над минималниот износ се вклучени 34 лица. Тие имаат просечен пензиски стаж од 25 години и просечна пензиска основица од 81.762 денари, што резултира со повисоки исплати од вториот столб.
Подолг стаж и повисоки придонеси носат повисока пензија
Од МАПАС посочуваат дека висината на средствата на индивидуалните сметки директно зависи од должината на членството, редовноста на уплатите и висината на придонесите. Подолгиот период на штедење овозможува не само повеќе уплатени средства, туку и поголем принос преку нивното инвестирање и капитализација, што значително влијае врз конечниот износ на пензијата. Анализата се однесува на лица кои доброволно одлучиле да останат членови на вториот пензиски столб и тоа го потврдиле со потпишување изјава за продолжување на членството. Според МАПАС, анализата дава сеопфатен увид во функционирањето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и ја потврдува улогата на вториот пензиски столб како значаен дел од идниот пензиски систем, базиран на индивидуално акумулирани средства.

