БОМБАСТИЧНО ОД СРБИЈА Студентите со 11 точки за „нова Србија“ – бараат лустрација, чистка во полицијата и отворање на тајните договори

Студентското движење ја претстави политичката програма пред изборите: независно судство и медиуми, крај на партиските вработувања, бесплатни учебници, попристапно домување и поевтини лекови.

БОМБАСТИЧНО ОД СРБИЈА Студентите со 11 точки за „нова Србија“ – бараат лустрација, чистка во полицијата и отворање на тајните договори
Фото: Принтскрин

Студентското движење во Србија објави политичка програма од 11 точки, во која се бараат длабоки промени во судството, полицијата, медиумите, јавниот сектор, образованието и здравството.

Меѓу клучните барања се ослободување на судовите и обвинителството од политичко влијание, проверка на имотот на јавните функционери, лустрација, отстранување од полицијата на службеници поврзани со организиран криминал, како и целосна транспарентност на државните договори и јавните набавки.

Програмата предвидува и бесплатни учебници за учениците, можност за договор на неопределено време по една година работа, попристапно домување за младите, пониски цени на лековите и обновување на селските амбуланти.

Студентите и кандидатите од нивната изборна листа веќе започнаа да ја претставуваат програмата пред граѓаните преку штандови во Војводина.

Програмата е објавена во пресрет на предвремените парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври. Студентското движење во понеделникот официјално ја поднесе својата изборна листа.

Студентите влегуваат во политичката трка

Студентската листа произлезе од масовните антивладини протести што започнаа по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица. Демонстрантите за трагедијата ја посочуваат корупцијата, нетранспарентноста во државните работи и слабеењето на институциите, а бараат политичка и кривична одговорност.

Протестите се претворија во едно од најголемите политички предизвици со кои се соочил Александар Вучиќ откако е на власт. Вучиќ ги отфрла обвинувањата за корупција и авторитарно владеење и ги обвинува своите политички противници дека со помош на странски сили се обидуваат да ја дестабилизираат Србија.

Според објавените информации, студентската листа ја сочинуваат професори, лекари, уметници, експерти и други кандидати кои не настапуваат како партиски функционери. Програмата е поделена на три целини: „Србија или мафијата“, „Знаењето е моќ“ и „Србија расте со нас“.

„Србија или мафијата“ – реформи во судството, полицијата и медиумите

Првите четири точки се посветени на борбата против корупцијата и реформите во институциите.

1. Независно судство и обвинителство

Студентите предлагаат формирање специјална обвинителско-полициска структура која би истражувала корупција и би постапувала без политички притисоци.

Предвидуваат и сеопфатен преглед на работата на Министерството за внатрешни работи.

Полицајците и функционерите за кои ќе се утврди поврзаност со организиран криминал би биле отстранети од системот. Одговорност би имало и за припадници на полицијата кои, според програмата, го прекршиле законот при постапувањето кон студентите и граѓаните за време на протестите.

2. Проверка на имотот и лустрација

Програмата предвидува закон со кој би се проверувало потеклото на имотот и би се овозможила конфискација на незаконски стекнат имот.

Студентите бараат и зајакнување на Даночната администрација, како и проверка на имотната состојба на јавните службеници.

Дополнително, најавуваат утврдување одговорност за лицата кои ја злоупотребиле функцијата, биле вмешани во корупција или ги прекршиле Уставот, законите и човековите права.

3. Јавност на државните договори

Сите државни договори, спогодби и постапки за јавни набавки, според програмата, треба да бидат достапни за јавноста.

Студентите бараат зајакнување на Државната ревизорска институција и ревизија на нетранспарентни или, како што наведуваат, преплатени инфраструктурни проекти.

Посебно внимание посветуваат на тајните договори, законите носени за конкретни проекти и проектите кај кои биле пробиени роковите.

4. Деполитизација на медиумите

Студентската програма предвидува деполитизација на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и промени во функционирањето на јавниот сервис РТС.

Предвидена е и проверка на одговорноста на новинари и раководства на државни и приватни телевизии во случаи на дискриминација и ширење говор на омраза.

Студентите предлагаат и промени во начинот на распределба на националните фреквенции, како и поголема улога на Советот за печат во надзорот на печатените медиуми.

„Знаењето е моќ“ – крај на партиските вработувања

Вториот дел од програмата се однесува на јавниот сектор, образованието и економијата базирана на знаење.

5. Професионален јавен сектор

Студентите бараат укинување на партиските вработувања и воведување построги критериуми и транспарентни конкурси.

Јавните претпријатија, според нивниот предлог, треба да ги раководат професионалци, со засилен финансиски надзор.

6. Бесплатни учебници

Предвидена е модернизација на образовниот систем, со поголем акцент на критичкото размислување и практичните знаења.

Сите ученици во основното и средното образование би добивале бесплатни учебници, независно од местото на живеење.

Студентите предлагаат и поголема финансиска достапност на стручните патувања и воннаставните активности.

7. Поддршка за стартапите, претприемачите и земјоделците

Програмата предвидува посилно поврзување на универзитетите, институтите и професионалните здруженија со економијата.

Стартапите, домашните претприемачи и земјоделците би добиле поголема поддршка, со цел Србија постепено да се оддалечи од моделот што се потпира на евтина работна сила.

„Србија расте со нас“ – поголеми права и поевтини услуги

Последниот дел ги опфаќа работничките права, земјоделството, домувањето и здравството.

8. Вработување на неопределено по една година

Студентите предлагаат промени во Законот за работни односи, со кои максималниот период на привремено вработување би се намалил од две на една година.

Нивниот предлог е по 12 месеци работникот да добива договор на неопределено време, што, според нив, би ја зголемило сигурноста на вработените.

9. Промени во увозот и заштита на земјоделството

Студентите најавуваат мерки против, како што наведуваат, монополската позиција на увозниците и интересните групи кои влијаат врз разликата меѓу производните и малопродажните цени.

Земјоделското земјиште и водата би добиле статус на заштитени национални добра, со цел да се зајакне безбедноста на храната.

10. Попристапно домување за младите

Предвидена е изградба и обезбедување станови со поповолни кирии и можност за купување.

Студентите предлагаат и даночни олеснувања за младите семејства, како и за вработените во образованието и здравството.

Целта, според програмата, е полесно решавање на станбеното прашање и создавање услови младите да останат во Србија.

11. Поевтини лекови и здравствена заштита во селата

Последната точка предвидува државни мерки за намалување на цените на лековите, обновување на селските амбуланти и здравствените центри и вработување на млади лекари и медицински техничари.

Студентите сметаат дека со овие мерки основната здравствена заштита би станала подостапна за жителите на сите делови од Србија.

CATEGORIES
Share This