ФОН ДЕР ЛАЈЕН АЛАРМИРА Светот стана отворено непријателски – Европа се подготвува за нови закани
Претседателката на Европската комисија најави нови безбедносни механизми, економски и енергетски мерки, предупреди на руското мешање и кинескиот притисок, а најави и отворање на вратата за Канада како прва придружна членка на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во годишното обраќање за состојбата во Европската Унија пред Европскиот парламент во Стразбур предупреди дека досегашните модели на односи се менуваат и дека Европа се соочува со сè понесигурно и „отворено непријателски“ опкружување.
Фон дер Лајен оцени дека ЕУ никогаш не била посилна, но истовремено се наоѓа во една од најнеизвесните позиции досега. Како главни предизвици ги посочи руската агресија врз Украина, економските притисоци, растот на ултранационализмот, енергетската зависност, технолошките промени и заканите за европското единство.
„Светот стана отворено непријателски“
Говорот го започна со парафраза на познатата реченица на Чарлс Дикенс за „најдобрите и најлошите времиња“, нагласувајќи дека денешниот свет се менува со невидена брзина.
„Старите модели се распаѓаат, а ние се соочуваме со отворено непријателски свет“ порача Фон дер Лајен.
Таа предупреди дека растот на екстремизмот и политичките поделби се користат за создавање раздор во европските општества. Според неа, Европа се соочува со избор меѓу поголема заедничка независност и дополнително продлабочување на поделбите и зависностите.
„Дали ќе се обединиме околу европската идеја и заеднички ќе одлучуваме за нашата иднина или ќе дозволиме нашите демократии да бидат поткопани од пионите и марионетите на авторитарните режими? праша таа.
Економијата е „приоритет број еден“
Фон дер Лајен економското зајакнување го опиша како апсолутен приоритет за ЕУ. Таа оцени дека европскиот единствен пазар и натаму е премногу фрагментиран и најави дополнителни реформи и поедноставување на правилата, со цел побрзо да се носат одлуки и да се привлечат инвестиции.
Посебно внимание посвети на односите со Кина, наведувајќи дека трговскиот дефицит на ЕУ со оваа земја достигнал околу една милијарда евра дневно.
„Некои велат дека се соочуваме со уште еден „кинески шок“, но тој веќе е тука. Тоа го гледаме во нашите заедници и фабрики низ Унијата“ рече таа.
Фон дер Лајен најави дека ЕУ ќе ги користи достапните механизми за да ги балансира трговските односи и повика на диверзификација на набавките на критични суровини.
Европа бара поевтина и независна енергија
Енергетската политика беше уште еден од клучните делови од говорот. Фон дер Лајен оцени дека Европа не може да ја задржи индустриската сила доколку цените на енергијата останат структурно високи.
Таа посочи дека ЕУ по руската инвазија врз Украина го забрзала преминувањето кон домашни и почисти извори на енергија, но нагласи дека потребни се нови инвестиции. Меѓу приоритетите ги наведе обновливите извори, нуклеарната енергија, биометанот и електрификацијата на економијата.
Целта, како што рече, е намалување на увозот на фосилни горива, зголемување на енергетската независност и намалување на трошоците.
Фон дер Лајен најави европски пристап кон вештачката интелигенција
Говорејќи за вештачката интелигенција, претседателката на Европската комисија порача дека Европа сака максимално да ги искористи придобивките од оваа технологија, но истовремено да ги контролира ризиците. Таа оцени дека ризиците се зголемуваат со развојот на сè понапредни модели и посочи дека и дел од лидерите во технолошкиот сектор предупредуваат на потребата од внимателен развој.
Според Фон дер Лајен, европската предност може да биде во практичната примена на вештачката интелигенција – во фабриките, болниците, земјоделството и автономното возење. Таа порача дека ЕУ сака вештачка интелигенција која ќе создава поголема вредност со помала потрошувачка на енергија и пониски трошоци, но под човечка контрола.
Нови трговски партнерства
Фон дер Лајен се осврна и на меѓународната трговија, посочувајќи ги новите партнерства со Австралија, Индија, Меркосур, Мексико и Индонезија. Според неа, европскиот просперитет и безбедност не можат да се градат исклучиво во рамките на Унијата.
Таа порача дека ЕУ мора да ги проширува партнерствата и да гради глобални коалиции за зајакнување на економската отпорност и демократијата.
Канада како прва придружна членка?
Посебно внимание привлече најавата поврзана со Канада. Канадскиот премиер Марк Карни беше специјален гостин на годинешниот говор, а Фон дер Лајен најави дека ЕУ сака партнерството со Канада да го подигне на највисоко ниво.
„Ќе работиме заедно за да ја отвориме вратата за Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија“ – рече таа.
Предлогот беше проследен со стоечки овации во Европскиот парламент.
Европа подготвува нов безбедносен механизам
Фон дер Лајен порача дека Европа ќе го брани секој квадратен метар од својата територија и ја потврди поддршката за Украина. Таа предупреди дека хибридните закани, од сајбернапади и саботажи до инциденти со беспилотни летала, стануваат сè почести.
Затоа предлага нов европски протокол за одговор на хибридни закани, како и „протокол за вонредни безбедносни ситуации“, инспириран од членот 4 од НАТО. Механизмот би овозможил земјите-членки брзо да се соберат кога една членка ќе се најде под сериозна закана и заеднички да го координираат европскиот одговор.
Фон дер Лајен повика и на официјално формирање Европски совет за безбедност.
Нов инструмент за миграциски кризи
Во делот посветен на миграцијата, Фон дер Лајен се осврна на ситуацијата во Сеута и порача дека надворешната граница на Шпанија е истовремено и европска граница.
Таа повика на целосна примена на Пактот за миграција и азил, но најави и нови правила за ситуации во кои масовните движења на луѓе би биле намерно организирани или искористени за политички притисок.
Европската комисија, како што најави, ќе предложи нов инструмент за одговор во кризни ситуации, кој би овозможил временски ограничена флексибилност на редовните процедури под строго дефинирани услови.
Фон дер Лајен ја критикуваше израелската политика во Газа и Западниот Брег
Говорејќи за Блискиот Исток, Фон дер Лајен рече дека страдањето во Газа и насилството на доселениците на Западниот Брег предизвикуваат длабока загриженост во Европа.
Таа ја критикуваше и одлуката на израелската влада поврзана со продолжувањето на проектот за населбата Е1, оценувајќи ја како неприфатлива.
Во исто време, призна дека меѓу земјите-членки постојат сериозни разлики околу политиката кон Израел и Палестина.
„Кога Европа е поделена, таа не може да го промени текот на настаните“ – порача Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека ЕУ продолжува да обезбедува помош за Палестинците, но истовремено го поддржува правото на Израел на самоодбрана.
Според неа, и Израелците и Палестинците имаат право да живеат во безбедност и достоинство, а Европа треба да продолжи да го поддржува решението со две држави.

