КВАДРАТОТ ДОСТИГНА 3.360 ЕВРА Недвижностите во Македонија со раст од над 21 отсто

Купопродажбите во првата половина од годината достигнаа вредност од 625,7 милиони евра, додека закупнините бележат раст од 29,4 отсто.

КВАДРАТОТ ДОСТИГНА 3.360 ЕВРА Недвижностите во Македонија со раст од над 21 отсто
Фото: Принтскрин

Пазарот на недвижности во Македонија во првата половина од 2026 година бележи раст на активноста. Според податоците од Регистарот на цени и закупнини, во периодот се регистрирани 16.126 трансакции, што е за 2,2 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.

Од вкупниот број, 11.395 се купопродажби, додека 4.731 се закупи. Вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, што претставува раст од 21,3 отсто во однос на првото полугодие од 2025 година.

Во споредба со првата половина од 2024 година, кога вредноста на купопродажбите изнесувала 446,9 милиони евра, растот достигнува 40 отсто.

Становите и земјиштето доминираат во купопродажбите

Најголем број купопродажби се однесуваат на станови и земјоделско земјиште и шуми.

Во првите шест месеци од годината се реализирани:

  • 3.746 купопродажби на станови – 32,9 отсто од вкупниот број;
  • 3.703 купопродажби на земјоделско земјиште и шуми – 32,5 отсто;
  • 1.424 купопродажби на куќи – 12,5 отсто;
  • 1.366 купопродажби на градежно земјиште – 12 отсто.

Овие четири категории заедно опфаќаат околу 89,9 отсто од сите купопродажби.

Кај деловните простори се регистрирани 485 купопродажби, кај гаражите 354, кај останатите недвижности 282, а кај индустриските објекти 35 купопродажби.

Становите со најголема вкупна вредност

Иако земјоделското земјиште има речиси ист број трансакции како становите, токму становите имаат најголема вкупна вредност на купопродажбите.

За станови во првото полугодие се реализирани трансакции во вредност од 289,1 милиони евра.

Следуваат:

  • куќи – 101 милион евра;
  • деловни простори – 98,3 милиони евра;
  • градежно земјиште – 52,6 милиони евра;
  • земјоделско земјиште и шуми – 39,9 милиони евра;
  • индустрија – 21,5 милиони евра;
  • останати недвижности – 20,9 милиони евра;
  • гаражи – 2,4 милиони евра.

Најголем раст на вредноста е забележан кај деловните простори, каде трансакциите пораснале за 80,7 отсто – од 54,4 на 98,3 милиони евра.

Од друга страна, вредноста на трансакциите со земјоделско земјиште и шуми е намалена за околу 4,3 отсто, од 41,7 на 39,9 милиони евра.

Аеродром пред Центар и Карпош

Меѓу општините опфатени во анализата, најголема вредност на купопродажбите е реализирана во Аеродром – 83,8 милиони евра, што е раст од 75 отсто во однос на првото полугодие од 2025 година.

Следуваат Центар со 78,3 милиони евра, со раст од 19 отсто, и Карпош со 62,8 милиони евра, со раст од 11 отсто.

Во Гази Баба се реализирани купопродажби вредни 53,6 милиони евра, што претставува раст од 75 отсто.

Најголем процентуален раст има во Гостивар 81 отсто, по што следуваат Куманово со 77 отсто, Аеродром и Гази Баба со по 75 отсто и Бутел со 64 отсто.

Намалување на вредноста на купопродажбите е регистрирано во Струга, за 24 отсто, Тетово за 21 отсто, Струмица за 17 отсто и Кисела Вода за 16 отсто.

Над 3.300 евра за квадрат во Центар

Највисоката регистрирана цена за квадратен метар стан во првото полугодие е постигната во Општина Центар 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадратен метар.

Станот има вкупна површина од 50 квадратни метри, од кои 46 квадратни метри се станбена површина, а четири квадратни метри помошни простории. Купопродажната цена изнесува 168.000 евра.

Најскапата куќа е продадена во Карпош за 1,5 милиони евра. Станува збор за куќа со површина од 575 квадратни метри, изградена на земјиште од 1.731 квадратен метар.

Највисоката цена за деловен простор е регистрирана во Аеродром и изнесува 6.798.924 евра. Просторот има површина од 3.478 квадратни метри.

Центар со највисоки просечни цени

Кај становите од стара градба, највисока просечна цена во првото полугодие е регистрирана во Центар 1.547 евра за квадратен метар.

Следуваат Аеродром со 1.532 евра и Карпош со 1.523 евра за квадрат.

Кај становите од инвеститори, највисока просечна цена има Центар со 1.712 евра за квадратен метар, по што следуваат Карпош со 1.167 евра и Ѓорче Петров со 1.062 евра.

На спротивниот крај е Струмица, каде просечната цена на становите од стара градба изнесува 719 евра за квадрат, додека кај становите од инвеститори е 689 евра.

Во истиот период е забележан и значителен раст на закупите, при што вкупниот износ на месечните закупнини е зголемен за 29,4 отсто.

Најголем број трансакции купопродажби и закупи биле регистрирани во април, со 2.902 трансакции, додека најмал број имало во јануари 2.246.

CATEGORIES
Share This