МАКЕДОНИЈА ОТВОРА НОВ ЕНЕРГЕТСКИ ЦИКЛУС Австриските компании добиваат простор за инвестиции
Гасификација, интерконектори, батериски системи, обновливи извори и модернизација на мрежата меѓу клучните приоритети.

Македонија влегува во нов инвестициски циклус во енергетиката, со фокус на обновливите извори, складирањето енергија, модернизацијата на мрежата, гасификацијата, енергетската ефикасност и регионалното енергетско поврзување.
Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Македонско-австрискиот бизнис-форум за патна и енергетска инфраструктура, што се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија.
Пред претставници на австриски компании, македонскиот бизнис-сектор и институциите, Божиновска ги претстави стратешките приоритети во енергетиката, тековните и планираните проекти и можностите за учество на странски компании во трансформацијата на енергетскиот систем.
„Нашата цел не е само да имаме повеќе производство од обновливи извори. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем кој може сигурно да ја прими, складира, пренесе и искористи таа енергија. За тоа ни се потребни инвестиции, технологии, инженерско знаење и силни меѓународни партнери“, истакна Божиновска.
Како еден од клучните приоритети е посочено складирањето на енергијата, особено поради зголемениот удел на сончевата и ветерната енергија. Паралелно се планираат инвестиции во преносната мрежа, нејзина дигитализација, зголемување на капацитетите за приклучување и развој на регионалните интерконекции.
Во фокусот останува и гасификацијата и развојот на регионалната гасна инфраструктура.
„Македонија работи на тоа да бидеме дел од европската енергетска инфраструктура“, порача Божиновска.
Таа посочи на важноста на интерконекторот со Грција, пристапот до нови извори и правци на снабдување, како и поврзувањето со Србија.
Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, според Министерството, отвора можности за поголема регионална интеграција и диверзификација на снабдувањето, но и за вклучување на компании со технологија и инженерска експертиза во гасната инфраструктура.
Посебен акцент е ставен и на енергетската ефикасност преку енергетска обнова на јавни објекти, како и на електромобилноста, инфраструктурата за полнење и паметните енергетски решенија.
Божиновска нагласи дека интересот за австриските компании се темели на долгогодишната економска соработка меѓу двете земји.
„Австрија има компании, технологии и искуство што нам ни се потребни. Ние имаме пазар што се трансформира, конкретни проекти и значаен инвестициски потенцијал. Верувам дека комбинацијата на овие две нешта може да создаде нови партнерства“, рече министерката.
Според Божиновска, новиот Закон за енергетика воведува системско планирање на новите енергетски објекти преку годишни планови, со што инвеститорите треба да добијат поголема предвидливост, а државата навремено да ја планира потребната мрежа и складирањето.
„За нас предвидливоста е една од најважните форми на сигурност за инвеститорите. Инвеститорот треба да знае кои се правилата, кои се условите, какви се инфраструктурните можности и како се движи постапката“, нагласи Божиновска.
Министерството, како што беше посочено, продолжува и со усогласување на законодавството со европската регулатива и интеграција на македонскиот енергетски пазар со европскиот.
Бизнис-форумот во Скопје е продолжение на официјалната посета на Австрија во април, кога владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во која беше и Божиновска, разговараше со австриските институции и деловната заедница за економската соработка, енергетската сигурност и поврзаноста.
На денешната бизнис-мисија во Скопје престојуваат австриски компании заинтересирани за конкретни можности на македонскиот пазар.
Форумот е организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria, со цел продлабочување на економската соработка и директно поврзување на австриските компании со македонските институции и бизнис-секторот.

