600 СВЕТСКИ ПРОФЕСОРИ И ИНЖЕНЕРИ ВО СКОПЈЕ Македонија во центарот на големата инженерска конференција
„Eurock 2026“ ги собра во Скопје врвни научници и инженерски експерти од целиот свет, а Николоски порача дека нивното знаење е од особено значење за реализацијата на милијардите инфраструктурни инвестиции во земјата.

Околу 600 професори, научници и инженерски експерти од целиот свет се собраа во Скопје на меѓународната научна конференција „Eurock 2026“, посветена на современите предизвици и инженерските решенија во градежништвото.
Македонија годинава е домаќин на престижниот меѓународен собир, кој се одржува во организација на Друштвото за геотехника на Македонија и Градежниот факултет.
Во своето обраќање, заменик-претседателот на Владата, Николоски, ја истакна важноста на соработката меѓу државата, научната и стручната јавност, особено при реализацијата на крупните инфраструктурни проекти.
Тој посочи дека научната и инженерската експертиза имаат значајна улога во решавањето на комплексните предизвици поврзани со изградбата и модернизацијата на инфраструктурата.
Николоски нагласи дека Македонија има стратешка позиција на Балканот, бидејќи низ нејзината територија се вкрстуваат транспортните коридори 8 и 10, што ја поставува земјата како значајна транзитна точка во европскиот транспортен систем.
Според него, Владата во моментов го реализира најобемниот инвестициски циклус во инфраструктурата, со инвестиции од неколку милијарди евра во изградба и модернизација на патната и железничката мрежа.
„Скопје и Македонија имаат чест да бидат домаќини оваа година и тоа не е случајно. Причината е победата што во 2023 година ја однесе Градежниот факултет на собирот во Салцбург, каде што го освои првото место во делот на иновативноста и затоа оваа година овој собир се одржува во Скопје“, истакна Николоски.
Тој додаде дека е особено значајно што на конференцијата учествуваат околу 600 професори и експерти од различни делови на светот, кои ги разгледуваат најголемите инженерски предизвици во градежништвото.
„Ова секако ќе помогне многу и на нашиот факултет и на нашите професори и научници, кои што ќе ни помогнат и нам да реализираме уште повеќе проекти“, рече Николоски.
СКОПЈЕ СТАНУВА СВЕТСКИ ЦЕНТАР НА ГЕОТЕХНИКАТА Над 500 експерти од 53 земји доаѓаат на EUROCK 2026

