КРАЈ НА ЕДНА ЕРА ВО ХАВАНА Почина еден од последните сведоци на револуцијата на Фидел Кастро
Човекот кој се бореше покрај Фидел Кастро и Че Гевара замина на 94-годишна возраст, оставајќи зад себе длабока трага во историјата на островот.

Еден од најблиските соработници на кубанскиот револуционерен лидер Фидел Кастро, Рамиро Валдес Менендез, почина на 94-годишна возраст, соопшти кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел.
Кубанскиот лидер со емотивна порака се прости од човекот кој со децении беше дел од највисокото раководство на земјата, нагласувајќи дека загубата ја чувствува „како смрт на татко“.
„Го сакав и почитував како татко. Така ќе ја паметам неговата поддршка, неговите совети, неговата тивка соработка и неговата целосна посветеност на службата“, напиша Дијаз-Канел на платформата X.
Тој истакна дека целиот живот на Валдес бил обележан со „апсолутна лојалност“ кон Фидел и Раул Кастро, како и кон револуционерните идеали што ги бранеше до крајот на животот.
Рамиро Валдес е роден на 28 април 1932 година. На само 21 година му се придружил на Фидел Кастро во нападот врз касарната Монкада во 1953 година, настан кој се смета за почеток на револуционерното движење против режимот на Фулгенсио Батиста.
Три години подоцна бил меѓу 82-та револуционери кои со јахтата „Гранма“ пристигнале од Мексико во Куба за да го продолжат востанието. По неуспешното слетување, само 12 борци преживеале, меѓу кои биле Фидел Кастро, Раул Кастро, Ернесто Че Гевара и Валдес.
Во планините Сиера Маестра, Валдес служел како заменик-командант на Че Гевара, а по победата на револуцијата во 1959 година станал еден од највлијателните луѓе во кубанскиот политички систем.
Во текот на долгата кариера извршувал низа високи функции и бил министер за внатрешни работи, заменик-министер за одбрана, министер за информации и комуникации, како и потпретседател на владата.
Носител на признанијата „Херој на Републиката“ и „Командант на Револуцијата“, Валдес до последните години остана активен во државното раководство. Во јавноста често се појавуваше во воена униформа покрај Дијаз-Канел, особено во периоди на енергетска криза, повикувајќи ги граѓаните на штедење и зачувување на „револуционерниот дух“.
Со неговата смрт заминува еден од последните живи симболи на генерацијата што ја предводеше Кубанската револуција.


