УСТАВНИТЕ СУДИИ СИ ГИ ВРАТИЈА ПОВИСОКИТЕ ПЛАТИ За сите намалени, за нив коефициентите повторно растат

Собраниската комисија едногласно ги зголеми коефициентите, новите плати ќе се исплаќаат од октомври.

УСТАВНИТЕ СУДИИ СИ ГИ ВРАТИЈА ПОВИСОКИТЕ ПЛАТИ За сите намалени, за нив коефициентите повторно растат
Фото: Принтскрин

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска едногласно ја усвои измената на одлуката со која се зголемуваат коефициентите за пресметка на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд.

Со одлуката, коефициентот за претседателот на Уставниот суд се зголемува од 2,81 на 3,08, додека за уставните судии од 2,60 на 2,85. Новите коефициенти ќе се применуваат при исплатата на платата за октомври 2026 година.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, објасни дека Собранието постапува согласно со одлуката на Уставниот суд.

„Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, коефициентот 2,81 се заменува со 3,08, а судија на Уставен суд, коефициентот 2,60 се менува со 2,85. Коефициентот од оваа одлука ќе започне да се применува со исплата на октомвриската плата во 2026 година“, изјави Сајкоски.

Уставен суд: Не може истите правила да важат за сите функционери

Одлуката на Комисијата следува по одлуката на Уставниот суд од 17 јуни 2026 година, со која беа укинати делови од член 14 и член 15 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, во делот што се однесува на претседателот и судиите на Уставниот суд.

Уставниот суд оцени дека нивните плати биле уредени во ист нормативен режим и според исти критериуми како платите на другите избрани и именувани функционери, без да се земе предвид посебната уставна положба и институционалната и функционалната независност на Судот.

„Ваквото уредување претставува суштествена повреда на начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, бидејќи ја негира институционалната и функционалната автономија на Уставниот суд и ја релативизира неговата уставна положба“, наведува Уставниот суд.

Пониски плати за останатите функционери, повисоки коефициенти за Уставен

Со измените на законската регулатива за платите на функционерите донесени претходно годинава, платите на избраните и именуваните лица беа намалени, во просек, за околу 10.000 до 13.000 денари месечно.

Тие намалувања продолжуваат да важат за останатите функционери, вклучително и за претседателот на државата, претседателот на Собранието, пратениците и другите избрани и именувани лица.

Исклучок се претседателот и судиите на Уставниот суд, за кои со новата одлука се враќаат коефициентите 3,08 и 2,85.

Собранието постапи по одлуката на Уставниот суд

Уставниот суд постапката ја поведе на 4 февруари 2026 година, оценувајќи ги како спорни одредбите со кои платите на неговиот претседател и судиите беа ставени во ист режим со платите на другите носители на јавни функции.

Одлуката од 17 јуни имаше одложено дејство до 1 октомври 2026 година. Бидејќи Собранието не постапило во рокот определен со претходната одлука на Судот, за пресметката на платите од 1 октомври ќе се применуваат законските коефициенти од 2024 година – 3,08 за претседателот и 2,85 за судиите.

„Комисијата за избори и именувања, како надлежна комисија, мора да постапи по одлуката на Уставниот суд“, рече Сајкоски.

Предлог-одлуката по усвојувањето на Комисијата треба да биде разгледана и изгласана и на пленарна седница на Собранието.

CATEGORIES
TAGS
Share This