ПЛАТФОРМАТА 12:05 БАРА ПРОМЕНИ ВО СДСМ Филипче да си оди, опозицијата да се обедини
Ивановски, Петровска, Петров и останатите поранешни функционери бараат промени во СДСМ и најавуваат нова битка за иднината на партијата.

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“, составена од поранешни високи функционери на СДСМ и актуелната пратеничка Славјанка Петровска, денеска порача дека СДСМ се наоѓа на „егзистенцијален минимум“ и дека се потребни итни промени во партијата.
На брифингот Игор Ивановски, Емилијан Станковиќ, Славјанка Петровска, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров и Гордан Георгиев ја критикуваа работата на актуелното раководство и порачаа дека Венко Филипче не треба да остане на лидерската позиција.
Од Платформата нагласија дека нивната цел не е формирање нова политичка партија, независен настап на избори или повикување на гласачите да се определат против СДСМ.
„Ние никогаш нема да повикаме да се гласа против СДСМ. Нема да формираме политичка партија, нема да излеземе со независни листи, а зад нашата платформа не стои, ниту ќе стои бизнисмен што нѐ финансира“, порачаа тие.
Според нив, целта е преку демократски механизми да се извршат промени во СДСМ и партијата повторно да стане силен опозициски субјект.
„СДСМ е на егзистенцијален минимум“
Игор Ивановски оцени дека СДСМ се наоѓа во сериозна политичка криза и дека времето не работи во прилог на партијата.
Тој ја критикуваше и актуелната владејачка политика, оценувајќи дека високата поддршка за власта, според него, не е резултат на мерливи резултати, туку на отсуството на силна политичка алтернатива.
Како проблеми ги посочи корупцијата, реформите во правосудството, сервисните политики кон граѓаните, инфлацијата и економската состојба.
„Безмилосно го трошиме најважниот ресурс – времето. Доцна е, но имаме одговорност да не биде предоцна“, порача Ивановски.
Критики и кон Филипче и кон поранешните раководства
Од Платформата се оградија од политичкото наследство и на Зоран Заев и на Бранко Црвенковски, нагласувајќи дека одговорноста за состојбата во СДСМ не ја гледаат само во актуелниот лидер.
Андреј Петров рече дека партијата во изминатиот период претрпела сериозна кадровска и политичка девијација и дека одговорност имаат повеќе генерации раководства.
„Ние нема да бидеме мршојадци. Подготвени сме сега да ја преземеме СДСМ, иако знаеме дека оди кон пораз. Ќе направиме подобар резултат. СДСМ е на егзистенцијален минимум, нема да чекаме“, рече Петров.
Тој упати и критики кон Филипче, потсетувајќи на неговата политичка улога во периодот кога дел од сегашните членови на Платформата биле активни во студентските и партиските протести.
„СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“
Славјанка Петровска оцени дека СДСМ денес е непрепознатлив во однос на периодот кога, како што рече, се борел против заробената држава.
Според неа, намалувањето на поддршката за партијата е поврзано и со неисполнетите очекувања од периодот на Шарената револуција.
„Оставете го настрана Преспанскиот договор, оставете го договорот со Бугарија, имаше пострашни работи чии последици сѐ уште ги трпиме и, ако не го кажеме тоа, како ќе излеземе со нови ветувања пред гласачите?“, рече Петровска.
Обвинувања за политички договор меѓу власта и опозицијата
Ивановски изнесе и тврдење дека постои „осмислена и договорена политика“ меѓу власта и опозицијата, односно меѓу Христијан Мицкоски и Венко Филипче.
Според него, таквиот однос резултира со слабеење на опозицијата и оставање простор за власта да го задржува политичкиот примат.
Платформата истовремено најави дека сака да придонесе кон создавање поширок опозициски фронт во кој, како што рекоа, место има и за СДСМ.
„Сакаме СДСМ да биде предводник на опозицијата“
Од Платформата порачаа дека крајната цел е СДСМ повторно да стане способен да се спротивстави на ВМРО-ДПМНЕ и да биде дел од поширок опозициски фронт.
„Во тој опозициски фронт секако дека има место за СДСМ. И тоа место да биде предводник на фронтот кој ќе ја урне актуелната власт. Но, не со Венко Филипче и актуелното раководство во него“, порачаа од Платформата.
Тие тврдат дека нивните истражувања покажале постоење на значителен број неопределени или опозициски настроени гласачи за кои, според нив, во моментов нема соодветна политичка понуда.
Без нова партија и без независни листи
Членовите на Платформата повторија дека немаат намера да создадат нов политички субјект.
„Нема да бидеме ниту ЗНАМ 2.0, ниту некогашната НСДП. Ќе бидеме граѓанска и мултиетничка платформа која примарно ќе ги насочи своите сили кон што поскоро промени во СДСМ“, порачаа тие.
Воедно, отфрлија каква било поврзаност со бизнисмен кој би ја финансирал нивната активност.
Најавена нова средба во сабота
Платформата најави дека следната средба ќе се одржи в сабота во 12:05 часот во хотелот „Стоун Бриџ“.
На неа, како што беше најавено, ќе се разговара за клучните предизвици со кои се соочува Македонија од независноста до денес, направените грешки и постигнатиот напредок, начинот на практикување на власта, научените лекции од минатото и можните патишта за иднината.
Најавена е и дискусија за нов општествен договор како, според Платформата, потреба за враќање на Македонија на „стратешкиот колосек“.
Од Платформата велат дека по завршувањето на дебатите имаат намера да му предложат на лидерот на СДСМ конкретни решенија за излез од актуелната состојба.
„Имаме план и ќе делуваме брзо. Сакаме на Венко Филипче да му дадеме уште една шанса да се освести и да работи во прилог на ваквата кауза“, порачаа од „12:05“.

