МЕЛАНИЈА ТРАМП ЈА ШОКИРА АМЕРИКА Израснав во комунизам и ништо не ми недостигаше
Првата дама на САД откри како го памети детството во поранешна Југославија – признава дека имала прекрасно детство, но и дека морало да се внимава што се зборува и прави.

Првата дама на САД, Меланија Трамп, во интервју за „Фокс бизнис“ отворено зборуваше за своето детство во поранешна Југославија, оценувајќи дека периодот на растење во тогашниот комунистички систем го памети како позитивно животно искуство.
„Израснав во комунизам и, всушност, ништо не ми недостигаше. Имав прекрасно детство, а моите родители ѝ обезбедија прекрасен живот на нашето семејство“, изјави Меланија.
Нејзиниот став се разликува од политичката реторика на нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, кој во повеќе наврати го користи комунизмот како критика кон своите политички противници. Тој често ги поврзува демократските социјалисти со комунизмот и предупредува на она што го опишува како комунистичко влијание во САД.
Меланија Трамп е родена во 1970 година во Ново Место, во тогашната Социјалистичка Република Словенија, во рамките на СФР Југославија. Детството и младоста ги поминала во Југославија, а во САД се преселила во 1990-тите, каде што продолжила да работи како манекенка. Американско државјанство добила во 2006 година.
Иако позитивно го опишува своето детство, Меланија признава дека животот во тогашниот систем имал и свои ограничувања.
„Сепак, постоеја одредени работи на кои мораше да внимавате. Внимававте што правите“, рече таа.
Според неа, во тогашна Југославија немало исто ниво на слобода како во денешните САД, нагласувајќи дека станувало збор за сосема поинакви времиња и околности. Југославија била федеративна држава предводена од Сојузот на комунистите, но нејзиниот политички и економски систем значително се разликувал од моделот во Советскиот Сојуз.
По прекинот на односите меѓу Јосип Броз Тито и Јосиф Сталин во 1948 година, земјата развила сопствен модел на социјализам, заснован на работничко самоуправување и независна надворешна политика во однос на советскиот блок.
Словенија во периодот на СФРЈ важела за економски најразвиената од шесте републики.
По смртта на Тито во 1980 година, политичките и економските тензии во федерацијата постепено се продлабочувале. Процесот кулминирал со распадот на Југославија, а Словенија во 1991 година прогласила независност.

