СУДОТ ПРЕСЕЧЕ: КРАЈ НА ХАОСОТ ВО КУКЛИЦА Познато што ќе се случи со ‘узурпаторите’

Општината најавува крај на долгогодишниот проблем со Куклица.

СУДОТ ПРЕСЕЧЕ: КРАЈ НА ХАОСОТ ВО КУКЛИЦА Познато што ќе се случи со ‘узурпаторите’
Фото: Национал

Случајот поврзан со наводната узурпација на локалитетот Куклица добива судски епилог. Градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски, соопшти дека судот донел времена мерка со која Стојна Димитровска Боотх и нејзиниот татко Милош Димитровски ќе мора да се повлечат од просторот на локалитетот „Камени Кукли“ и да го предадат во владение на надлежните институции.

„Без разлика дали доброволно или со примена на сила, лицата ќе мора да го напуштат локалитетот Куклица. Со судската времена мерка се задолжуваат да се оддалечат од просторот и истиот да го предадат на институциите. Доколку не постапат по одлуката, ќе биде побарана интервенција од полицијата“, изјави Николовски.

Реакцијата доаѓа по објави во јавноста и сведоштва од посетители кои тврдат дека со години им било наплаќано влегување во овој природен локалитет, иако станува збор за државно земјиште и јавно добро.

Според претходни информации во медиумите, дел од посетителите пријавиле дека биле условувани со плаќање за влез, а во случаи на одбивање наводно се соочувале со навреди и закани. Некои сведочат и за агресивно однесување, фрлање камења и пуштање кучиња кон посетители.

Од Општина Кратово претходно наведоа дека немаат целосни механизми самостојно да обезбедат непречен пристап до локалитетот, но градоначалникот сега истакнува дека по долготрајни судски постапки и поднесени кривични пријави, за првпат е донесена конкретна одлука која би требало да стави крај на спорот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека против Стојна Димитровска, нејзиниот татко Милош Димитровски и нивното здружение е поднесен обвинителен акт за узурпација на недвижности, а дополнително е издаден и казнен налог против Стојна Димитровска поради наводни закани кон туристи.

Куклица, позната и како „Камени Кукли“, претставува еден од најпознатите природни локалитети во Македонија и е заштитен споменик на природата кој секоја година привлекува голем број домашни и странски туристи.

СКАНДАЛ ВО КРАТОВО Кој со години наплаќа влез во Куклица без дозвола?

CATEGORIES
Share This