СКАНДАЛ ВО КРАТОВО Кој со години наплаќа влез во Куклица без дозвола?

Општина Кратово тврди дека локалитетот Куклица е бесправно узурпиран и дека со години е спречена да управува со него.

СКАНДАЛ ВО КРАТОВО Кој со години наплаќа влез во Куклица без дозвола?
Фото: Принтскрин

Полицијата го информирала обвинителството и други надлежни институции за, како што наведува МВР, нелегалното наплаќање влез во локалитетот Куклица од страна на здружението „Извор“. Од Министерството посочуваат дека случајот бил и претходно пријавуван, дека постоеле кривични пријави и бил поднесен обвинителен акт, но и покрај тоа активностите со незаконска наплата продолжиле.

Од Општина Кратово соопштија дека подолг период се спречени да управуваат со локалитетот Куклица, кој има статус споменик на природата. Според нив, просторот е бесправно узурпиран и од посетителите се наплаќа влез без законска основа.

Во соопштението се наведува дека општината и градоначалникот не можат да постапуваат согласно Законот за прогласување на Куклица за споменик на природата, кој предвидува грижа, одржување и преземање заштитни мерки. Причина за тоа, како што велат, е што подолг период локалитетот е „неосновано и бесправно узурпиран“ од здружението „Извор“ – Кратово, како и од одговорното лице Милош Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх.

Тие лица, според општината, незаконски управуваат со просторот, присвојуваат надлежности што не им припаѓаат и остваруваат финансиска корист преку наплата на влезници. Дополнително се наведува дека има и наводи за несоодветно однесување кон посетители, вклучително заплашување и користење кучиња за закани.

Општина Кратово информира и дека веќе е донесена првостепена судска пресуда со која тужените се задолжуваат да го предадат просторот на Општинската установа „Музеј на град Кратово“ и да го ослободат од објекти и предмети, но дека таа одлука е обжалена и е во второстепена постапка.

Покрај тоа, општината вели дека се водат повеќе кривични постапки и пријави за узурпација на недвижности, како и поднесоци до Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, но дека досега нема конкретни мерки од надлежните институции.

На крајот, Општина Кратово нагласува дека останува посветена на заштита на јавниот интерес и природното наследство, но очекува поактивна реакција и координација од сите надлежни органи.

CATEGORIES
Share This