ПОЧНА МАТУРСКИОТ ИСПИТ Матурантите на тест, родителите во исчекување
Повеќе од 14.500 матуранти денеска го полагаат изборниот екстерен испит во рамки на матурската сесија.

Вкупно 14.587 матуранти денеска го полагаат првиот екстерен испит од годинашната матура, кој е изборен предмет во зависност од видот на матурскиот испит. Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе се одржи на 11 и 12 јуни.
Годинава за првпат се спроведуваат три вида матурски испити согласно измените на Законот за средното образование – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), 12.184 ученици се пријавени за полагање државна матура, 2.276 за државна стручна матура, а 127 кандидати за државна уметничка матура.
Полагањето започна во 9 часот. Кандидатите за државна матура полагаат странски јазик – англиски, француски, германски, руски или италијански или математика. За учениците кои избрале државна стручна матура, изборот е меѓу англиски јазик и математика, додека кандидатите за државна уметничка матура полагаат англиски јазик или историја.
Од вкупно 5.713 гимназијалци кои годинава полагаат матура, сите се пријавени за државна матура. Кај средните стручни училишта, од 8.629 кандидати, 6.353 избрале државна матура, а 2.276 државна стручна матура. Од 245 ученици во уметничките училишта, 118 ќе полагаат државна матура, а 127 државна уметничка матура.
Од ДИЦ информираат дека за секој предмет и за секој вид матура се изготвени посебни испитни програми, врз основа на наставните содржини што учениците ги изучувале во текот на четиригодишното средно образование. Испитните прашања се подготвени согласно овие програми со цел објективно и стандардизирано оценување на знаењата на матурантите.
