СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА БЕЗ ПРОБЛЕМИ Во тек работи на повеќе патни делници

На граничните премини нема подолги задржувања, а сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.

СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА БЕЗ ПРОБЛЕМИ Во тек работи на повеќе патни делници
Фото: Национал

Сообраќајот деенска (06.06) на сите државни патишта низ земјава утринава се одвива непречено и по суви коловози, информираат од АМСМ.

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде постои опасност од појава на одрони. Зголемена внимателност се препорачува на патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

Во меѓувреме, патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица останува отворен за сообраќај за сите возила до 3,5 тони, согласно сезонскиот режим кој стапи во сила на 15 април.

На повеќе локации низ државата се изведуваат градежни работи и санации на патната инфраструктура. Во тек се активности на автопатот А2 на делницата Гостивар–Стража, каде се врши санација на повеќе мостови со воведен времен режим на сообраќај.

Градежни работи се изведуваат и на мостовите на реката Вардар кај село Желино на автопатот А2, како и на автопатот А1 на делницата Смоквица–Гевгелија, каде се поставува интерконективен гасовод.

Дополнително, на скопската обиколница се врши рехабилитација на коловозот на потегот меѓу клучките Волково и Кондово. Поради работите, затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по преостанатите две ленти.

Во сила останува и времената измена на режимот на сообраќај на регионалниот пат Косоврасти–Мелнички Мост поради санација на свлечиште, како и на патниот правец Прилеп–Битола, каде поради изградбата на Коридорот 10Д дел од сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат меѓу клучката Лагово и Тополчани.

CATEGORIES
Share This