ДИРЕКТОРОТ НА ЛАЈКА НАЈАВУВА За две години ќе го заборавиме проблемот со уличните кучиња
Експертите предупредуваат дека без целосна евиденција и построги казни нема трајно решение за бездомните кучиња.

За ефикасно справување со уличната популација на кучиња, неопходно е да се знае точниот број на кучиња во државата, како и колку од нив се чипирани. Ова го истакна професорот на Факултетот за ветеринарна медицина, Влатко Илиески, на панел-дискусијата „Систем, закони и реалност: Справување со уличната популација на кучиња“, организирана од ЈП „Лајка“.
Според Илиески, иако чипирањето на кучињата е законска обврска од 2018 година, околу половина од кучињата во Македонија сè уште не се евидентирани.
„Примарна цел треба да биде утврдување на вкупниот број кучиња. Градоначалниците мора да располагаат со точни податоци за бројот на кучиња на територијата на нивните општини“, нагласи Илиески.
Тој смета дека се потребни и построги санкции во Законот за заштита и благосостојба на животните, како и мерки за контрола на репродукцијата.
Како успешен пример беше посочен моделот на Загреб. Директорката на прифатилиштето за бездомни животни „Думовец“, Татјана Зајец, истакна дека по 25 години работа во моментов во градот практично нема улични кучиња.
„Чипирањето е задолжително, а сопствениците кои ќе ги напуштат своите миленици се соочуваат со високи казни. Системот брзо го утврдува сопственикот на секое куче“, рече Зајец.
Таа информираше дека само годинава во прифатилиштето биле примени околу 400 кучиња без микрочип.
Директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, оцени дека Скопје е на добар пат кон решавање на проблемот со бездомните кучиња и изрази уверување дека за една и пол до две години резултатите ќе бидат видливи.
„Проблемот мора да се решава на хуман начин. И кучињата, како и луѓето, заслужуваат достоинствен живот“, изјави Димитровски.
Тој посочи дека во градот сè уште има глутници, но дел од нив веќе се третираат. Дополнителен предизвик, според него, е носењето кучиња од други градови, кои често не се социјализирани.
„Набавивме нова опрема за заловување на несоцијализирани кучиња и работиме на спречување на создавање нови легла“, додаде тој.
Во април биле третирани 138 кучиња, а планот е до крајот на годината бројката да достигне 2.000, со вклучување на сите расположливи ветеринарни друштва.
Поради ограничениот капацитет на прифатилиштето, „Лајка“ активно работи на вдомување и привремено згрижување на кучињата. Според Димитровски, меѓу 35 и 38 проценти од заловените кучиња веќе добиле нов дом, а упати и апел до граѓаните да покажат поголема подготвеност за вдомување.
