РЕАКЦИИ НА РОДИТЕЛИТЕ ПО ПРЕСУДАТА ЗА ПУЛС – Ова не е правда, туку формалност
Обвинетите ќе избегнат затвор доколку не сторат ново дело во следните четири години.

Тројца полицајци од Кочани се прогласени за виновни во случајот „Пулс“ и добија условни казни. На Кире Богатинов и Горан Лазаров им е изречена условна казна од една година, додека на командирот на ПС Кочани, Александар Темелков, му е изречена условна казна од две години. Тоа значи дека тие нема да издржуваат затворска казна доколку во наредните четири години не сторат ново кривично дело.
Пресудата предизвика остри реакции во јавноста. Родителите на загинатите во „Пулс“, односно од нивното здружение „16 март“ оценија дека ваквата одлука претставува минимизирање на одговорноста и испраќа порака дека системот се штити самиот себе, наместо да се соочи со сопствените пропусти. Според нив, ова не е вистинска правда, туку формално затворање на случајот.
Тие потсетуваат дека за злоупотреба на службена положба законот предвидува казна до 10 години затвор, но во конкретниот случај се изречени само условни санкции и тоа за веќе утврдена злоупотреба во систем кој, како што наведуваат, со години дозволувал незаконитости. Според нив, токму ваквото непостапување создало услови за трагедија во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИ ЗА ПУЛС – Уловни казни од судот
