СИТЕ МЕДИЦИНСКИ ПОДАТОЦИ ВО ЕЛЕКТРОНСКО ДОСИЕ – Голем чекор кон дигитално здравство

Електронско здравствено досие за секој пациент и пристап до податоците преку портал или мобилна апликација.

СИТЕ МЕДИЦИНСКИ ПОДАТОЦИ ВО ЕЛЕКТРОНСКО ДОСИЕ – Голем чекор кон дигитално здравство
Фото: Национал

Медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите во иднина ќе се водат дигитално, додека хартиената документација ќе се користи само во исклучителни случаи, како привремено решение при прекин на системот. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за евиденциите од областа на здравството, кои на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Азир Алиу.

Според министерот, овие измени претставуваат значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.

Една од најважните новини е воспоставувањето електронско здравствено досие за секој пациент. Тоа ќе биде централизирана база на податоци што ќе ги содржи сите информации поврзани со здравствената состојба, од лекарски прегледи и лабораториски резултати до упати, рецепти и телемедицински услуги.

Со новите законски решенија ќе се подобри и пристапот на граѓаните до сопствените здравствени податоци преку електронски портал или мобилна апликација. Притоа се предвидени и јасни правила за пристап до податоците на малолетни лица, како и можност пациентот да овласти друго лице да има увид во неговото досие.

Министерот Алиу истакна дека целта е здравствените податоци да се управуваат на модерен, безбеден и поврзан начин, што ќе придонесе за подобар квалитет на здравствените услуги.

Според него, новото законско решение ќе овозможи целосно електронско водење на здравствените евиденции преку Националниот систем „Мој Термин“, со што ќе се надминат досегашните ограничувања во системот.

Законот предвидува и техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи. Тоа значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем.

Во таа насока ќе се воведе и сертифицирање на информатичките системи, како и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци, со цел да се зголеми безбедноста и транспарентноста.

Со измените за првпат се регулира и интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем. Телемедицинските услуги ќе имаат иста правна важност како и физичките лекарски прегледи.

Законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за јавен интерес – научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики. Истовремено, строго се забранува секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединец.

Со законските измени се предвидува и централизација на здравствените регистри во рамки на Националниот систем, како и зајакнување на безбедносните стандарди. Здравствените установи ќе имаат обврска да воспостават системи за управување со информациска безбедност и да пријавуваат евентуални безбедносни инциденти.

Алиу нагласи дека предложените измени се делумно усогласени со најновите европски регулативи во областа на дигиталното здравство, вклучително и со Регулативата за Европскиот простор за здравствени податоци.

Министерот информираше дека паралелно се финализираат измените на вкупно 12 закони од областа на здравството. Дел од нив веќе се поставени на ЕНЕР, меѓу кои законите за здравствена заштита, за заштита од пушењето и за здравствено осигурување.

Во рамки на реформите за дигитализација се предвидени новини и во Законот за заштита на населението од заразни болести.

CATEGORIES
TAGS
Share This