ГИ МАМЕЛ ГРАЃАНИТЕ СО НАВОДНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ РАК ОД КУБА Обвинителството отвори истрага
При претрес во Велес биле пронајдени докази и одземени електронски уреди, а Обвинителството побарало одземање на патната исправа и редовно јавување во судот.

Основното јавно обвинителство Велес води истрага против едно лице осомничено дека измамило повеќе граѓани, претставувајќи им дека може да им обезбеди наводни „кубански вакцини“ против рак, со цел да се стекне со противправна имотна корист.
Против осомничениот е оформен предмет за кривичните дела измама, предвидено во член 247, и надрилекарство, според член 209 од Кривичниот законик.
Во рамките на истражната постапка, Обвинителството обезбедило наредби за претрес на повеќе локации. При претресот на работното место на осомничениот во Велес биле пронајдени предмети и материјали што ќе бидат предмет на дополнително вештачење. Одземени биле и електронски уреди, кои би можеле да содржат информации важни за расветлување на случајот.
Според досегашните сознанија на Обвинителството, осомничениот довел во заблуда повеќе лица, лажно претставувајќи им дека располага со вакцини против рак од Куба.
Надлежниот јавен обвинител веќе спроведува распити на оштетените лица, како и на други граѓани кои би можеле да располагаат со информации релевантни за истрагата.
Обвинителството до судот поднело предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот. Меѓу предложените мерки се одземање на патната исправа и обврска за редовно јавување во судот. Осомничениот во моментов е хоспитализиран во медицинска установа, каде што му било врачено решението за определување на мерките.
Од Јавното обвинителство информираат дека во координација со Министерството за внатрешни работи продолжуваат со прибирање докази и проверки за целосно утврдување на околностите поврзани со случајот. Во меѓувреме, надлежните органи постапуваат и по дополнителните информации што пристигнуваат.
Истрагата треба да ги утврди сите околности, начинот на кој наводната измама била спроведена, како и евентуалната штета што ја претрпеле оштетените граѓани.

