ГИ КОРИСТАТ СИТЕ МЕХАНИЗМИ ДА НЕ ЗАКОЧАТ Мицкоски со жестока порака за Бугарија и ЕУ

На 23 Октомври премиерот порача дека Македонија го минува најдолгиот и најтешкиот пат кон ЕУ, но нема да ги напушти преговорите ниту ќе дозволи притисоци да ја прекројуваат македонската историја.

ГИ КОРИСТАТ СИТЕ МЕХАНИЗМИ ДА НЕ ЗАКОЧАТ Мицкоски со жестока порака за Бугарија и ЕУ
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати остри критики кон Бугарија, оценувајќи дека Софија ги користи механизмите на Европската Унија за да го блокира македонскиот евроинтеграциски процес. Тој порача дека, и покрај неправдите, билатералните спорови и долгогодишното чекање, Македонија не смее да се откаже од европската перспектива.

Мицкоски нагласи дека ја разбира разочараноста на граѓаните од бавниот напредок кон членството во ЕУ, но оцени дека напуштањето на преговорите би значело откажување од можноста државата еден ден да седне на иста маса со земјите членки и рамноправно да ги застапува своите интереси.

„Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Големите го прават тоа што сакаат, а малите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес“, изјави премиерот.

Тој порача дека Македонија мора да продолжи со реформите, да ги зајакнува институциите и да го зачува националното достоинство, нагласувајќи дека европската иднина треба да се гради со мудрост, трпеливост и единство.

Осврнувајќи се на повиците Македонија да ги напушти преговорите со ЕУ, Мицкоски предупреди дека таквиот потег би бил стратешка грешка.

„Затоа честопати ни велат: ‘Напушти ги преговорите!’ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса“, рече тој.

Премиерот го посочи примерот со Бугарија, тврдејќи дека пред нејзиното членство во Унијата не биле отворани прашањата што денес претставуваат пречка за македонските евроинтеграции. Меѓу нив ги наведе барањата поврзани со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, добрососедските односи и историските личности.

„И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат“, истакна Мицкоски.

Според него, Македонија мора да продолжи да ја остварува својата стратешка цел, но без откажување од сопствените принципи и национални интереси.

Мицкоски ги отфрли критиките дека Владата води премногу воздржана политика кон соседите, објаснувајќи дека пристапот се заснова врз долгорочна стратегија, а не врз импулсивни реакции.

„Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, порача тој.

Премиерот додаде дека Македонија седнала на маса за дијалог и покрај, како што рече, претходните обиди тој да биде избегнат. Нагласи дека нема да подлегне на провокации и притисоци, туку ќе одговори со принципи и отпорност.

„На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме“, изјави Мицкоски.

Тој ја спореди политиката со шаховска партија и порача дека малите народи можат да ги заштитат своите интереси преку мудрост и внимателно избрани потези.

Посебен дел од обраќањето беше посветен на македонската историја и обидите, според премиерот, таа да се менува преку политички притисоци и блокади.

„А оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Гоце Делчев останува длабоко врежан во македонската борба за слобода и во националното паметење, додавајќи дека ниту едно вето не може да го избрише историското наследство на македонскиот народ. Премиерот повтори дека не се кае за политиката што ја нарекува промакедонска и дека нема да отстапи од неа под какви било притисоци.

CATEGORIES
Share This