29 ОД 34 ОРГАНИЗАЦИИ СЕ ОБЕДИНИЈА На Илинден формиран Македонскиот национален сојуз во Србија

Од Јабука на Илинден е испратена порака дека македонската заедница во Србија избра единство, соработка и организирано дејствување.

29 ОД 34 ОРГАНИЗАЦИИ СЕ ОБЕДИНИЈА На Илинден формиран Македонскиот национален сојуз во Србија
Фото: Принтскрин

На големиот македонски национален празник Илинден, во Јабука беше одржано Основачкото собрание на Македонскиот национален сојуз, со што официјално започна ново поглавје во организирањето на македонската заедница во Република Србија.

Во новоформираниот Сојуз се обединија 29 од вкупно 34 активни македонски организации во Србија, без Националниот совет. Станува збор за досега најшироко организирано обединување на македонски здруженија, фондации, културно-уметнички друштва, установи, центри, младински организации и други субјекти посветени на зачувувањето и унапредувањето на македонскиот национален идентитет.

Од Македонскиот национален сојуз велат дека неговото формирање е резултат на заедничката определба македонската заедница во Србија да настапува поорганизирано, одговорно и единствено.

„Сојузот ќе се залага за заштита на правата и интересите на Македонците, зачувување на македонскиот јазик, културата, традицијата и националниот идентитет, како и за посилно поврзување на сите генерации Македонци кои живеат во Србија“, се наведува во соопштението.

Македонскиот национален сојуз ќе биде официјален подносител на изборната листа за претстојните избори за Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија. Изборната листа ќе настапи под името „Македонци заЕдно“, а нејзина носителка ќе биде актуелната претседателка на Националниот совет, Зорица Митровиќ.

Името на листата, како што посочуваат од Сојузот, ја симболизира суштината на обединувањето – различни организации, средини и генерации да се обединат околу заедничка цел: создавање силна, видлива и достоинствено претставена македонска заедница во Србија. Од вкупно 34 активни македонски организации во Србија, 29 застанаа зад Македонскиот национален сојуз и се негови основачи. Во земјата, според информациите во соопштението, дејствуваат и уште три активни здруженија и две политички партии кои засега не се дел од Сојузот.

Од Јабука на Илинден е испратена порака дека македонската заедница во Србија се определила за заедништво, соработка и координирано дејствување. Од Сојузот оценуваат дека неговото формирање претставува значаен чекор кон пообединета, современа и влијателна македонска заедница во Србија, која заеднички ќе работи на заштита на своите права, идентитет и интереси.

CATEGORIES
TAGS
Share This