ГЕРОГИЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ОТСТАПИ ОД ИДЕИТЕ – Но не кажува зошто тој отстапи

Поранешниот премиер со остра критика до партијата што ја предводеше, но неговите ставови отвораат и прашања за неговото политичко отстапување.

ГЕРОГИЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ОТСТАПИ ОД ИДЕИТЕ – Но не кажува зошто тој отстапи
Фото: Принтскрин

На Денот на Републиката – 2 Август, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, упати остри критики кон актуелните политички состојби во Македонија и кон насоката во која, според него, се движи партијата што ја основаше во 1990 година. Георгиевски потсети дека при формирањето на ВМРО-ДПМНЕ примарна цел била создавање независна македонска држава која ќе води самостојна политика.

„Мојата примарна цел беше независноста на Македонија, надвор од канџите на српската политика!“

Во своето обраќање тој се осврна и на двата историски датума што се одбележуваат на 2 Август – Илинденско востание и АСНОМ. Според него, нивното современо одбележување сè повеќе се сведува на церемонијален карактер, додека историските и политичките пораки остануваат во втор план. Осврнувајќи се на Илинденското востание, Георгиевски ги спомена неговите организатори и учесници, меѓу кои Борис Сарафов, Даме Груев и Атанас Лозанчев.

„Тешко ни е, од нашето идеолошко слепило, да ја видиме вистинската големина на востанието“, наведува Георгиевски.

За АСНОМ оцени дека во 1944 година биле поставени значајни политички идеи, но дека нивниот понатамошен развој бил променет од настаните што следувале.

„Двата Илиндена денес се само форма без содржина“, порача тој.

Поранешниот премиер оцени дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години се оддалечила од идеите со кои била основана, тврдејќи дека наместо да ги следи првичните определби за независна држава и зачувување на македонскиот идентитет, актуелната политика се движи во поинаква насока.

Истовремено, Георгиевски не се осврна на критиките кои со години се упатуваат на негова сметка дека самиот се оддалечил од политичките ставови што ги застапуваше во деведесеттите години. Неговите јавни настапи и позиции за односите со Бугарија предизвикуваат различни реакции во македонската јавност. Дел од политичките опоненти го обвинуваат дека со своите ставови се доближува до бугарските позиции за историјата и идентитетските прашања, додека тој смета дека застапува сопствено гледиште за историските процеси.

Неговата порака доаѓа во период кога прашањата за македонскиот идентитет, историското наследство и стратешката ориентација на државата повторно се меѓу најактуелните теми во јавниот и политичкиот дискурс.

CATEGORIES
Share This