27 МИЛИОНИ РЕЦЕПТИ ЗА ЕДНА ГОДИНА ФЗО открива кои лекови најмногу се користат
ФЗО најави проширување на позитивната листа со три антикоагуланси, меѓу кои и Клексан и Фраксипарин.

Нови терапии ќе бидат додадени на позитивната листа на лекови во текот на следниот месец, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
Најголемото проширување се однесува на антикоагулантите, лекови кои спречуваат создавање згрутчувања на крвта. Меѓу нив ќе бидат вклучени „Клексан“, „Фраксипарин“ и уште еден лек од истата група.
Според Клековски, овие терапии се наменети за пациенти со јасно утврдени медицински потреби, кај акутни состојби, по оперативни зафати, при спречување компликации по тешки интервенции, како и кај одредени пациенти со кардиоваскуларни проблеми.
„Станува збор за лекови кои се користат кај различни категории пациенти, но со конкретни индикации“, посочи директорот на ФЗО.
Воедно, тој најави дополнителни проверки за практиката на широко препишување на овие лекови, особено кај бремени жени. Клековски смета дека треба да се направи анализа на критериумите според кои се прогласува одредена бременост за патолошка.
„Не може две третини од бременостите да бидат патологија. Потребно е јасно да се утврди на која основа се препишува терапијата“, рече тој.
Од ФЗО нагласуваат дека според официјалните индикации, „Клексан“ не е терапија што треба автоматски да ја прима секоја трудница, туку само пациентки кај кои постојат конкретни медицински причини.
Клековски како приоритети за наредниот период ги посочи засилениот надзор врз потрошувачката на лекови, спречувањето злоупотреби и измами, како и создавањето услови за воведување нови современи терапии.
Според најновите податоци на ФЗО, метформинот останува најпрепишуван лек во Македонија. Во 2025 година за овој лек биле издадени повеќе од два милиони рецепти. На второ место е пантопразолот, а меѓу најчесто користените лекови и понатаму се наоѓа дијазепамот.
Вкупно, преку Позитивната листа А во текот на минатата година биле издадени околу 27 милиони рецепти, што претставува зголемување од осум проценти.
Иако вкупната потрошувачка на лекови расте поради воведувањето нови и поскапи терапии, од Фондот забележуваат позитивен тренд кај употребата на антибиотици, чија потрошувачка се намалува и по број на рецепти и по потрошени средства.
Вкупната вредност на лековите финансирани од ФЗО и државата во 2025 година достигнала околу 11 милијарди денари, а најголемиот дел од средствата биле насочени кон современи терапии за пациенти со онколошки, ретки и автоимуни заболувања.


