НАУЧНИЦИТЕ ЈА ОТКРИЈА ТАЈНАТА НА ДОЛГОВЕЧНОСТА Овој „семеен подарок“ може да ве заштити од болести цели 13 години
Новото истражување откри дека наследните фактори можат да го одложат појавувањето на хронични болести и да овозможат подолг период на здрав живот.

Зошто некои луѓе успеваат да доживеат длабока старост со зачувана енергија, виталност и без големи здравствени проблеми? Со години се веруваше дека одговорот лежи во здравата исхрана, физичката активност и намалувањето на стресот. Но, новите научни сознанија покажуваат дека клучот можеби се наоѓа многу подлабоко, во нашата ДНК.
Истражување претставено на годишната конференција на Европското здружение за хумана генетика во Гетеборг, Шведска, открива дека наследните фактори можат значително да влијаат врз процесот на стареење. Научниците утврдиле дека генетиката кај луѓето од долговечни семејства може да ја одложи појавата на хронични заболувања за дури 13 години.
Благодарение на напредокот на медицината и подобрите услови за живот, просечниот животен век во светот значително се зголеми и денес е околу 80 години. Но, научниците предупредуваат дека бројот на години поминати во добро здравје не расте со исто темпо. Токму затоа истражувачите сè повеќе се фокусираат на прашањето: што им овозможува на некои луѓе да стареат побавно и поздраво?
Тим од Универзитетскиот медицински центар во Лајден, Холандија, решил да ја истражи улогата на семејната историја. Тие откриле дека луѓето кои потекнуваат од семејства со долговечни членови развиваат кардио-метаболички заболувања значително подоцна од нивните сопружници. Ова укажало дека постои наследна заштита, но останало прашањето: каде точно се наоѓа таа во човечкиот геном?
Научниците ја анализирале ДНК-та на 212 групи долговечни браќа и сестри. По детална анализа на геномот, тие издвоиле четири области каде најверојатно се наоѓаат генетските фактори поврзани со здравото стареење. Од повеќе од 20.000 гени, истражувачите постепено го стесниле изборот на околу 350, а потоа идентификувале 12 генетски варијанти кои можат да имаат директно влијание врз долговечноста. Посебно внимание привлекол генот CGAS, кој има важна улога во имунолошкиот систем.
Генот CGAS функционира како еден вид „аларм“ во организмот. Тој го активира воспалителниот одговор кога телото ќе препознае опасност, како вирусна инфекција или оштетување на клетките. Но, проблемот настанува кога овој механизам е премногу активен. Долготрајното воспаление може постепено да ги оштетува ткивата и органите и да придонесе за развој на различни хронични болести. Кај луѓето од долговечни семејства научниците забележале специфична генетска промена која можеби го намалува прекумерното воспаление. Според нив, можно е овие лица да имаат само една активна копија од генот CGAS, што му овозможува на организмот доволно силна одбрана, но без непотребно долгорочно воспаление.
Иако резултатите се ветувачки, научниците нагласуваат дека истражувањето е сè уште во рана фаза. Дел од откритијата се потврдени само во лабораториски услови, а потребни се дополнителни испитувања пред да може да се примени каков било пристап кај луѓето. Сепак, откритието отвора ново поглавје во истражувањето на стареењето. Во иднина, разбирањето на генетските механизми што ги штитат најдолговечните луѓе може да помогне во развој на нови начини за продолжување на периодот во кој луѓето живеат здраво, активно и квалитетно.


