51 ПАТ МАРШИРААТ, А ПРАШАЊЕТО ОСТАНУВА ИСТО Уште колку животи треба да згаснат за нешто да се преземе

Со истата болка, истата празнина и непроменето барање за вистина, одговорност и правда, родителите и блиските на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ по 51. пат излегоа на улиците во Кочани.

51 ПАТ МАРШИРААТ, А ПРАШАЊЕТО ОСТАНУВА ИСТО Уште колку животи треба да згаснат за нешто да се преземе
Фото: Национал

Во Кочани денеска, 14 ноември 2026 година, се одржа 51. по ред „Марш на ангелите“, организиран од семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ и Здружението на граѓани „16 март 2025“. Под мотото „Уште колку животи треба да згаснат за нешто да се преземе?“, родителите, блиските на жртвите и граѓаните повторно маршираа со едно непроменето барање – вистина, одговорност и правда.

Собирот започна во 16:05 часот во Паркот на Револуцијата, по што учесниците се упатија кон Основниот суд во Кочани.

Родителите на загинатите порачаа дека по 51. пат чекорат со истата болка и празнина во срцата, но и со решеност да не се откажат од борбата за правда. Тие нагласија дека денешниот марш не е само за нивните 63 ангели, туку и за сите невини жртви во трагедиите што ја завијаа Македонија во црно.

Притоа потсетија на трагедиите во Ласкарци, каде загинаа 16 лица, пожарот во модуларната болница во Тетово со 14 жртви, трагедијата со автобусот на „Беса транс“ во која животот го загубија 45 лица и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со 63 загинати.

Од собирот, претставниците на семејствата, меѓу кои и родителот Драги Стојанов, упатија директен апел до останатите родители и сограѓани за поголема солидарност и масовна поддршка.

„Родители, каде сте да марширате со нас?“, беше пораката упатена од семејствата, кои повикаа борбата за вистина и правда да не остане само на нивните плеќи.

И по 51. пат, пораката од Кочани останува иста – семејствата не се откажуваат од барањето за вистина, одговорност и правда за загинатите.

CATEGORIES
Share This