15 ГОДИНИ ЧУВАНА ТАЈНА И МОРНИЧАВИ СМРТНИ СЛУАЧИ Почна снимањето на македонскиот трилер „Голиот Рид“

Филмот на Игор Алексов со Анастасија Ласовска, Тони Наумовски и Симеон Мони Дамевски ја спојува мистеријата, драмата и хорор-фантазијата во приказна што ја поместува границата меѓу реалноста и имагинацијата.

15 ГОДИНИ ЧУВАНА ТАЈНА И МОРНИЧАВИ СМРТНИ СЛУАЧИ Почна снимањето на македонскиот трилер „Голиот Рид“
Фото: Принтскрин

Денеска официјално започна снимањето на новиот македонски игран филм „Голиот Рид“ – кинематографски трилер со елементи на драма и хорор-фантазија, кој ветува силна и мистериозна приказна.

Филмот се реализира во продукција на City Star Production, а режијата е доверена на Игор Алексов, авторот на меѓународно наградуваниот филм „Лена и Владимир“, кој досега освои 96 награди и 46 номинации на светски филмски фестивали.

Сценариото го потпишуваат Гоце Цветановски и Алек Русјаков, а проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм. Во реализацијата учествуваат и Božinovski watch and jewelry, како и меѓународните копродуценти OnBros од Косово и Red Production од Србија.

„Голиот Рид“ носи приказна што ја премостува границата меѓу реалноста и имагинацијата. Дејството го следи враќањето на мистериозна жена во нејзиниот роден дом, по што во локалната заедница започнува серија необјасниви и морничави смртни случаи.

Во центарот на истрагата се наоѓа циничен инспектор, кој ќе мора да ја открие мрачната тајна закопана цели 15 години.

Во филмот ќе настапи силна актерска екипа составена од познати имиња од македонската, регионалната и меѓународната сцена. Главната женска улога ја толкува Анастасија Ласовска, а меѓу главните актери се и Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски, Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Ивановска, Адем Карага, Златко Митрески, Александар Микиќ и Гоце Андонов.

Снимањето ќе се одвива на повеќе внимателно избрани локации во Скопје и неговата околина, а премиерата пред домашната публика и настапите на филмските фестивали се планирани за следната година.

„Голиот Рид“ се најавува како еден од поамбициозните македонски филмски проекти, кој преку жанровска приказна ќе понуди напната атмосфера, мистерија и силна драмска подлога.

CATEGORIES
Share This