АРГЕНТИНА ВОВЕДЕ НОВ НАЦИОНАЛЕН ПРАЗНИК ПО ПОБЕДАТА НАД АНГЛИЈА – ФИФА со истрага поради спорниот транспарент

Иако го загуби финалето од Шпанија, Аргентина 15 јули го прогласи за Ден на репрезентацијата, а пораката за Малвините предизвика бурни реакции во Велика Британија.

АРГЕНТИНА ВОВЕДЕ НОВ НАЦИОНАЛЕН ПРАЗНИК ПО ПОБЕДАТА НАД АНГЛИЈА – ФИФА со истрага поради спорниот транспарент
Фото: Принтскрин

Иако Аргентина не успеа да ја одбрани светската титула и беше поразена од Шпанија во финалето на Светското првенство, во земјата настапот на националниот тим се оценува како голем успех. Особено се истакнува драматичната полуфинална победа над Англија, која доби и историско значење.

Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) едногласно донесе одлука 15 јули да биде прогласен за Ден на репрезентацијата на Аргентина. Датумот е избран во чест на победата од 2:1 над Англија во полуфиналето на Светското првенство 2026.

Селекцијата предводена од Лионел Скалони губеше со 1:0 до 85. минута, но со головите на Енцо Фернандез и Лаутаро Мартинез направи целосен пресврт и обезбеди пласман во финалето.

По натпреварот, аргентинските фудбалери на теренот развија транспарент со натписот „Las Malvinas son Argentinas“ („Малвините се аргентински“), алудирајќи на Фолкландските Острови, кои Аргентина ги нарекува Малвини и ги смета за дел од својата територија. Потегот предизвика остри реакции во Велика Британија, по што британската влада побара од ФИФА да отвори истрага.

Во соопштението на АФА се наведува дека 15 јули е избран „за да се одбележи историската и голема победа на аргентинската репрезентација над Англија во полуфиналето на Светското првенство 2026“.

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи ја поддржа прославата на фудбалерите, оценувајќи дека транспарентот бил „сосема коректен“ и дека ја одразува волјата и чувствата на аргентинскиот народ. Сепак, тој призна дека очекува ФИФА да изрече одредени санкции против федерацијата.

Од АФА нагласуваат дека нововоспоставениот Ден на репрезентацијата нема да биде посветен само на машката сениорска селекција, туку на сите национални тимови – женската репрезентација, младинските селекции, како и репрезентациите во футсал, фудбал на плажа и останатите категории.

Според федерацијата, целта е да им се оддаде признание на сите спортисти кои секојдневно ги бранат боите на Аргентина, а незаборавниот пресврт против Англија е избран како симбол на заедништвото, борбениот дух и националната гордост.

CATEGORIES
Share This