13 СЛУЧАИ НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО ЗЕМЈАТА 10 пациенти хоспитализирани
Тројца пациенти се во критична состојба, спроведена дополнителна дезинсекција против комарци.

Здравствените власти информираат дека во државата досега се регистрирани вкупно 13 случаи на западнонилска треска, од кои 10 пациенти се хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Според Министерството за здравство, тројца од хоспитализираните пациенти се во тешка, односно критична здравствена состојба.
Поради актуелната епидемиолошка состојба и проценката на ризик, надлежните институции презедоа дополнителни превентивни мерки против комарците. Во текот на ноќта Центарот за јавно здравје – Скопје спроведе вонредна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција. Од Министерството посочуваат дека третманот е спроведен со цел дополнително да се намали бројот на возрасни комарци и ризикот од понатамошно ширење на инфекцијата.
Во меѓувреме, епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување. Бројот на граѓани кои побарале медицинска помош континуирано се намалува, а се бележи и пад на бројот на хоспитализирани пациенти. Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за новите сознанија и преземените мерки.
СЕДУМ ЛИЦА СО ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА НА ИНФЕКТИВНА Еден на респиратор

