СЕДУМ ЛИЦА СО ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА НА ИНФЕКТИВНА Еден на респиратор

76-годишен скопјанец е на респираторна поддршка на интензивна нега, додека останатите шест пациенти се во стабилна состојба.

СЕДУМ ЛИЦА СО ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА НА ИНФЕКТИВНА Еден на респиратор
Фото: Принтскрин

Седум лица со потврдена инфекција со вирусот на западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, при што состојбата на еден од пациентите е сериозна.

Како што изјави за МИА директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, станува збор за 76-годишен скопјанец кој веќе една недела се лекува во болница и не патувал надвор од земјата. Пациентот е на респираторна поддршка и се лекува на Одделот за интензивна нега.

Останатите шест пациенти, сите на возраст над 60 години, се во стабилна здравствена состојба. Само еден од нив претходно престојувал во Грција.

„Кај сите хоспитализирани е дијагностицирано вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Симптомите се висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест“ – изјави д-р Цана за МИА.

Според него, пациентите се заразиле по убод од инфициран комарец. Инкубацискиот период на вирусот најчесто трае од три до 14 дена по убодот, а кај најголемиот дел од заразените инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика.

CATEGORIES
Share This