ФЕТАИ ЗАМИНА ОД ВЛАДАТА, НО ДОБИ НОВ АНГАЖМАН ВО БРИСЕЛ Муцунски откри зошто токму тој е избран

Министерот вели дека неговото образование, познавањето на јазиците и контактите во Белгија можат да бидат од корист за европските аспирации на Македонија.

ФЕТАИ ЗАМИНА ОД ВЛАДАТА, НО ДОБИ НОВ АНГАЖМАН ВО БРИСЕЛ Муцунски откри зошто токму тој е избран
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го образложи назначувањето на поранешниот вицепремиер Арбен Фетаи за специјален пратеник за Европската Унија во Брисел, оценувајќи дека неговото образование, познавањето на јазиците и контактите што ги има стекнато во Белгија можат да бидат од корист за државата. Фетаи беше именуван на функцијата на владината седница одржана на 28 јули, околу месец и половина откако Собранието ја констатираше неговата оставка од функцијата вицепремиер задолжен за добро владеење.

Муцунски посочи дека прашањата што се однесуваат на претходниот ангажман на Фетаи се легитимни и дека јавноста заслужува одговори. Сепак, тврдењата дека тој подолг период не ги извршувал работните обврски ги оцени како паушални и засновани на неточни информации. Според Муцунски, Фетаи се школувал во Белгија, ги познава официјалните јазици на земјата и претходно бил ангажиран во владини и невладини организации во Брисел. Министерот смета дека неговото искуство и воспоставените контакти можат да бидат особено корисни во период на засилени активности поврзани со европската интеграција на Македонија.

Муцунски откри и дека Фетаи поседува македонско и белгиско државјанство. Според него, доколку не постоеше прашањето со двојното државјанство, Фетаи според својата биографија би бил соодветен и за амбасадорска функција. Новото назначување доаѓа по период во кој во јавноста беа отворени прашања за присуството на Фетаи на работното место и на владините седници.

Министерот за здравство Азир Алиу во април јавно изјави дека тогашниот вицепремиер не доаѓал на работа и не присуствувал на седниците на Владата, при што нагласи дека отсуството не било поврзано со здравствени причини. Во дел од медиумските извештаи беше наведено дека отсуството траело повеќе од два месеца. Во јавноста беше поставено и прашањето дали Фетаи во тој период продолжил да ја прима функционерската плата, но од надлежните институции не беше даден конкретен одговор.

Фетаи ја поднесе оставката на 1 јуни, образложувајќи дека повеќе нема услови функцијата да ја извршува со потребната ефикасност. Собранието ја констатираше оставката на 10 јуни, а Фетаи не присуствуваше на седницата на која требаше да ја образложи. Премиерот Христијан Мицкоски претходно ги демантираше информациите дека Фетаи со месеци не доаѓал на работа. Муцунски сега порача дека поранешниот вицепремиер го исполнува профилот за новиот ангажман и дека неговото искуство може да ѝ биде од корист на државата во период на засилени активности поврзани со европските аспирации.

Партијата Единствена Македонија смета дека е погрешна одлуката на Владата за именување на Фетаи не поради тоа што не одел на работа и земал плата туку затоа што нема познавања на македонската историја, скоро целиот работен век бил поврзан со институциите на Косово и не може да се бори против бугарската негаторска политика во Брисел каде се биде битката за Македонија и Македонците.

CATEGORIES
Share This