ЗЕЛЕНСКИ ПРВПАТ ВО СРБИЈА Голем дипломатски потег кон земјата на рускиот сојузник
Украинскиот претседател ќе се сретне со Александар Вучиќ во прва официјална посета на Белград.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 8 август ќе ја посети Србија, што ќе биде негово прво официјално доаѓање во земјата, потврди висок украински функционер за „Киев Индепендент“.
Посетата има силна симболика, имајќи предвид дека Србија со години одржува блиски политички и историски врски со Русија. Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Белград се обидува да води балансирана политика меѓу Москва и западните партнери.
Русија останува еден од традиционално најважните сојузници на Србија, а земјата долго време се потпираше и на рускиот природен гас, наведуваат од „Киев Индепендент“.
Посетата ја потврди и кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ќе биде домаќин на Зеленски во сабота.
Според информациите на регионалните медиуми, меѓу темите на разговорите би можело да биде и унапредувањето на економската соработка, а се очекува можно потпишување меморандум за разбирање со цел зајакнување на трговските односи меѓу Србија и Украина.
Документот првично требаше да биде разгледуван уште во мај, кога беше најавена посета на украинска делегација на Белград, но таа тогаш не се реализираше.

