ЗАТЕГНУВАЊЕ НА БОЛЕДУВАЊАТА Матичниот лекар ќе може да даде само 5 дена

Фондот најавува построги контроли и намалување на боледувањето од 7 на 5 дена.

ЗАТЕГНУВАЊЕ НА БОЛЕДУВАЊАТА Матичниот лекар ќе може да даде само 5 дена
Фото: Принтскрин

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, најави построги контроли на боледувањата и измени на Правилникот, со цел да се спречат злоупотреби и средствата да стигнуваат до оние на кои навистина им се потребни.

Една од предложените измени е намалување на периодот за кој матичниот лекар може да издаде боледување – од седум на пет дена. Контролите ќе се вршат по пријава од работодавач, но и по случаен избор, во соработка со УЈП и МВР.

Само во август Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари биле за породилни отсуства. За 2026 година во буџетот се предвидени вкупно 6,454 милијарди денари за боледувања и породилни отсуства.

Перински соопшти дека неправилности биле утврдени кај околу 30 отсто од контролираниот примерок на боледувања во МВР, а анализата на боледувањата во Министерството за одбрана е при крај.

Воедно, Фондот планира од 2027 година да воведе поиндивидуализиран пристап кај ваучерите за ин витро, додека рецептите издадени од дежурните служби наместо само до полноќ, би можеле да важат 24 часа.

CATEGORIES
Share This