ЗАБРАНАТА ПАДНА НА ТЕСТ Дури 85% од австралиските тинејџери и понатаму се на социјалните мрежи
Новото истражување открива дека ограничувањата не успеале да ја намалат употребата на социјалните мрежи кај младите Австралијци.

И покрај воведената забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, најголемиот дел од австралиските тинејџери и понатаму активно ги користат платформите. Ново истражување покажува дека три месеци по стапувањето во сила на мерката, дури 85 проценти од младите на возраст од 12 до 15 години останале присутни на социјалните медиуми.
Иако првичните проценки говореа за масовно затворање на профили и милиони отстранети сметки, податоците од терен и сведоштвата на родителите покажуваат дека навиките на младите речиси и да не се промениле.
Голем дел од малолетниците успеале да ги заобиколат ограничувањата и најчесто со едноставно внесување лажна возраст или со користење фотографии што системите за проверка ги прифатиле како доказ дека се постари од 16 години.
Поради овие проблеми, австралискиот премиер Ентони Албанезе најави дополнителна проверка на законот и воведување таканаречен „стрес тест“ со кој ќе се утврди каде постојат слабости во системот. Целта е да се затворат празнините што им овозможуваат на децата и понатаму да пристапуваат до платформите.
Албанезе порача дека Владата сака правилата да бидат што построги и отпорни на можни правни предизвици, а посебен акцент ќе биде ставен на зајакнување на надлежностите на Комисијата за е-безбедност, која го надгледува спроведувањето на мерките.
Австралискиот модел внимателно го следат и други држави кои бараат начини да го ограничат влијанието на социјалните мрежи врз менталното и физичкото здравје на младите. Велика Британија веќе најави нови ограничувања кои би опфатиле поширок спектар на дигитални платформи, вклучувајќи видео игри и сервиси за пренос во живо.
ЕВРОПСКИ ТРЕНД – Децата под 15 години се исклучуваат од социјалните мрежи


