ЗА МАЛКУ ИЗБЕГНАТА КАТАСТРОФА НА НЕБОТО Два авиона полетале со ист повикувачки знак, контролорот спречил судир
„Американ 2482“ се појавил кај два авиона во исто време – искусниот контролор навреме ја забележал опасноста и наредил нивно раздвојување.

Можен сериозен инцидент во воздух беше избегнат во САД, откако два патнички авиони на „Американ ерлајнс“ во исто време го користеле истиот повикувачки знак „Американ 2482“.
Случајот се случил во близина на Феникс, каде контролор на летање забележал дека двата авиона го носат истиот идентификациски број и веднаш презел мерки за да обезбеди безбедно раздвојување. Аудиоснимката од комуникацијата, објавена на ATC.com, покажува дека едниот авион пристигнувал од Чикаго, додека другиот полетал од Феникс. За да не дојде до забуна, контролорот почнал јасно да ги разликува како „Американ 2482 што пристигнува“ и „Американ 2482 што заминува“.
Иако траекториите на двата авиона се пресекувале, контролорот постојано одржувал безбедно вертикално растојание меѓу нив. На авионот што полетувал му било наложено да ја ограничи висината на искачување, со што се обезбедило доволно растојание од авионот што се приближувал. По безбедното разминување, контролорот, кој рекол дека 25 години работи во воздушниот сообраќај, изразил изненадување од ситуацијата.
„Никогаш не сум видел два авиона со ист повикувачки знак практично да се спојат. Тоа е прилично неверојатно“, рекол тој.
Пилотот на авионот што пристигнувал му се заблагодарил на контролорот за „добрата работа“ откако двата авиона безбедно се разминале. Експертот за безбедност во воздушниот сообраќај Стив Аројо смета дека е можно диспечерите на авиокомпанијата да не забележале дека двата авиона ќе се најдат во воздух во исто време со истиот број на лет.
„Може да се прават грешки, што не треба да се случува, но добро е да се види дека системот е отпорен и дека постојат повеќе механизми за заштита“, изјавил Аројо.
Летот 2482 вообичаено сообраќа на релација Чикаго-Феникс и истиот авион најчесто го изведува целиот распоред. Но, поради доцнењето на летот од Чикаго предизвикано од лошото време, „Американ ерлајнс“ ангажирала друг авион во Феникс, кој полетал според распоредот.
Така, двата авиона накратко се нашле во истиот воздушен простор, пред авионот од Чикаго да слета. Случајот дополнително ќе биде истражен од „Американ ерлајнс“ и Федералната администрација за воздухопловство (FAA).
Од авиокомпанијата го пофалиле контролорот и екипажите, нагласувајќи дека нивниот професионализам овозможил во секој момент да се одржи потребното безбедносно растојание меѓу двата авиона.

