ПО ПОВЕЌЕ ОД 16 ЧАСА ВО МОРЕТО КАЈ КО САМУИ Татко и двајцата синови спасени
50-годишниот Французин и неговите петгодишен и седумгодишен син биле пронајдени исцрпени во близина на речиси целосно потопениот џет-ски, откако пловилото се превртело.
Тајландските спасувачи спасија 50-годишен Французин и неговите двајца синови, на возраст од пет и седум години, откако тројцата поминале повеќе од 16 часа во морето во близина на островот Ко Самуи. Семејството исчезнало во четвртокот вечерта, откако нивниот џет-ски се превртел. Таткото и децата го изнајмиле пловилото околу 17 часот, а откако не го вратиле во договореното време, компанијата за изнајмување ги известила властите.
Спасувачите ги пронашле вчера околу 10 часот наутро, по цела ноќ помината во вода. Тројцата биле исцрпени и покажувале знаци на продолжена изложеност на морето. Според локален службеник, сите голтале морска вода, додека момчињата биле особено бледи.
Таткото, кој рекол дека има долгогодишно искуство во управување со џет-ски, заедно со децата бил пренесен во болница на преглед. По медицинската проценка, сите тројца биле пуштени дома.
Истрагата треба да утврди што довело до превртувањето на џет-скиот, само нешто повеќе од 15 минути по почетокот на возењето. Од компанијата за изнајмување наведуваат дека семејството најверојатно излегло надвор од дозволената зона за пловидба.
Спасувачите ги пронашле таткото и децата во близина на речиси целосно потопениот џет-ски. Сите тројца носеле елеци за спасување, што им помогнало да останат на површината во текот на ноќта.

