ИРАН БРУТАЛНО МУ ОДГОВОРИ НА ТРАМП Нема да се поклониме, во игра е и Хормутскиот теснец
Техеран жестоко реагираше на најавата на американскиот претседател дека Ормутскиот теснец би можел да стане американска територија, порачајќи дека Иран не се плаши од закани и демонстрација на сила.

Иран остро реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Хормутскиот теснец и политиката на Вашингтон кон Техеран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, ја обвини американската надворешна политика дека се темели на „лаги“, а во својата реакција на платформата X ги цитираше зборовите на рускиот писател Фјодор Достоевски од романот „Браќата Карамазови“.
Неговата реакција следуваше по изјавата на заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, кој порача дека Хормутскиот теснец не може да биде освоен со објава на социјалните мрежи, носач на авиони или политички говор.
Гарибабади реагираше на најавата на Трамп дека САД би можеле да го прогласат стратешкиот воден пат за американска територија по завршувањето на конфликтот со Иран.
„Иран не се плаши од закани, ниту ќе се повлече пред демонстрација на сила“, порача Гарибабади.
Тој истакна дека Хормутскиот теснец „бил ирански, е ирански и ќе остане ирански“, додавајќи дека неговото затворање или отворање, според Техеран, може да се случи само со одлука на Иран.
Гарибабади исто така порача дека Иран ќе продолжи со блокадата сè додека САД „не ја прифатат реалноста на поразот и не се откажат од своите илузии“.
Претходно, Трамп изјави дека по победата над Иран би можел да го прогласи Хормутскиот теснец за „територија на Соединетите Американски Држави“, тврдејќи дека американската војска има целосна контрола врз стратешки значајниот воден пат.
Американскиот претседател истакна и дека во воените операции употребил сила „малку повеќе отколку што сакал“, но оцени дека притисокот врз Техеран бил неопходен за да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.

