ВО РУСИЈА ИМА ОЛИГАРСИ, КАЈ НАС НЕМА – Азески објасни зошто Македонија е поинаква
Ако меѓу бизнисмените имаше поголемо единство, македонската економија ќе беше многу понапред.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека во Македонија не постои бизнис-структура која би можела да се спореди со руските олигарси, ниту пак услови за создавање таков тип на економска моќ.
Говорејќи за односите меѓу бизнис-заедницата и државата, Азески посочи дека во Русија големите бизнисмени располагаат со огромен капитал и можат да влијаат врз носењето прописи и политики кои им ја подобруваат позицијата и овозможуваат дополнителна заработка. Според него, таква појава во Македонија не е присутна во ист обем.
„Јас гледам една друга ситуација во која меѓу бизнисот не владее единство како што треба да се очекува. Ако владееше, ќе бевме уште понапред“, вели Азески.
Како една од причините за недостатокот на единство во бизнис-секторот, тој ја посочи зависта меѓу самите бизнисмени.
„Прва дисциплина олимписка, ако има, после ќе видиме со прв златен медал на Олимпијадите. Тоа се вика завидливост. Јас не знам во оваа држава дали има некој што на другиот не му завидува“, изјави Азески.
Според него, кај дел од бизнисмените постои перцепција дека другите компании работат попрофитабилно затоа што уживаат одредени привилегии или добиваат поголема поддршка.
„Сите мислат дека другиот што работи е попрофитабилен, дека ужива некои привилегии, дека некој дава на некои други, а тебе не“, додава Азески.
Тој смета дека терминот „олигарх“ не е соодветен за македонските услови и дека, со оглед на големината и економската моќ на државата, во Македонија не може да се бара вистински пандан на рускиот модел на олигархија.

