СЕМЕЈСТВОТО ИЛИ ДРЖАВАТА Поранешен соработник на Биби изнесе тврдења што го тресат Израел

Наводна заклетва за лојалност, притисоци „од дома“ и тврдења дека семејството се мешало во државни прашања.

СЕМЕЈСТВОТО ИЛИ ДРЖАВАТА Поранешен соработник на Биби изнесе тврдења што го тресат Израел
Фото: Принтскрин

Поранешниот шеф на кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Јоав Хоровиќ, изнесе сериозни тврдења за влијанието на семејството Нетанјаху врз работата на премиерскиот кабинет, обвинувајќи ги за мешање во политички, економски, безбедносни и други прашања од државно значење.

Хоровиќ, кој беше шеф на кабинетот на Нетанјаху од 2016 до 2019 година, во интервју за Канал 12 изјави дека во еден момент од вработените во кабинетот било побарано да потпишат заклетва за лојалност кон семејството Нетанјаху.

Според неговото сведоштво, барањето било пренесено до него преку еден од вработените, а самиот Нетанјаху, како што тврди Хоровиќ, го поддржал. Тој, сепак, одбил да го спроведе.

„Сара Нетанјаху и Биби Нетанјаху се едно. Невозможно е да се одвојат“, изјавил Хоровиќ, додавајќи дека и синот на премиерот, Јаир Нетанјаху, бил „уште еден фактор“ во неговото опкружување.

Хоровиќ тврди дека влијанието на семејството се чувствувало во лични, економски, политички и безбедносни прашања.

„Притисокот од дома, за речиси секое прашање, бил постојан“, рекол тој.

Поранешниот соработник на Нетанјаху го обвини премиерот и за авторитарен стил на управување, тврдејќи дека од 2019 година во Израел „нема вистинска демократија“. Тој го критикуваше и конфликтот на Нетанјаху со правосудниот систем во текот на неговото судење поврзано со обвиненијата за корупција.

Хоровиќ рече дека неговиот однос кон Нетанјаху особено се променил по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Тогаш, како што наведува, почнал да се сомнева дека мотивите на премиерот не се секогаш поврзани со интересите на државата.

„Нетанјаху се гледа себеси како нешто помеѓу крал, цар или претседател, а не како премиер“, изјавил Хоровиќ.

Тој се осврна и на одлуката на Нетанјаху во 2018 година да се повлече од договорот со Обединетите нации за решавање на прашањето со африканските мигранти и баратели на азил во Израел.

Според Хоровиќ, Нетанјаху првично го поддржал договорот, но подоцна, по телефонски повик кој, според неговите зборови, дошол „од дома“, ненадејно ја променил одлуката.

„Јав, кажи им дека е откажано, се предомислив“, му рекол, според сведоштвото на Хоровиќ.

Хоровиќ денес е кандидат на опозициската партија Јаш Атід.

На неговите обвинувања реагираше партијата Ликуд, која не ги коментираше конкретно тврдењата, туку порача дека Хоровиќ „го пронашол својот нов политички дом кај левицата“.

CATEGORIES
Share This