ВЛЕГЛЕ ВО КУЌАТА И ГИ ЧЕКАЛО ИЗНЕНАДУВАЊЕ Речиси два метра долга змија се сокрила на брачниот кревет

Мајка и ќерка од Хрватска повикале ловци на змии откако во спалната соба откриле голем неотровен примерок скриен под постелнината.

ВЛЕГЛЕ ВО КУЌАТА И ГИ ЧЕКАЛО ИЗНЕНАДУВАЊЕ Речиси два метра долга змија се сокрила на брачниот кревет
Фото: Принтскрин

Необична и прилично непријатна глетка ги пречекала мајка и ќерка кога пристигнале во својата куќа во селото Кричке, во близина на Новска, Хрватска. Наместо мирна и празна соба, на брачниот кревет ги чекал неочекуван гостин – голема змија. Исплашените жени веднаш побарале помош од ловците на змии Дарко Карамазан и Влада Лаѓаревиќ, кои пристигнале на местото и внимателно ја пронашле змијата скриена под постелнината.

„Ајде, среќо, не можеш да спиеш во туѓ кревет“, се пошегувал Карамазан додека ѝ се приближувал на змијата.

Станувало збор за неотровна змија, но примерокот бил импресивен. Според Карамазан, била долга речиси два метра, со дебелина од два до три сантиметри и тежела околу два килограми.

„Претпоставувам дека била женка. Одамна немам уловено толку голем примерок“, раскажал тој.

Откако ја фатиле, змијата била однесена доволно далеку од куќата и пуштена назад во природата. Карамазан претпоставува дека змијата можеби била привлечена кон куќата поради присуството на глодари. Сопственичката претходно слушнала чудно шушкање во куќата, што дополнително ја засилило претпоставката дека токму тоа било причината за нејзиното доаѓање. Но, постои и друга причина.

„Во текот на летото, особено кога температурите се многу високи, змиите често бараат посвежи и побезбедни места за засолниште“, објаснил Карамазан.

На шега, тој додал дека змијата и немала причина да се жали на условите во куќата.

„Откако ја спасивме и ја пуштивме, не беше многу благодарна. Во куќата работеше клима-уред, па не ѝ беше премногу топло“, се пошегувал тој.

Карамазан вели дека ваквите интервенции не се реткост, особено во најтоплите денови. Тогаш ловците на змии добиваат повеќе повици од различни делови на Хрватска. Според него, змиите сè почесто се приближуваат до куќите поради зголеменото присуство на глодари во населените места. Иако кај луѓето предизвикуваат страв, змиите имаат важна улога во природата бидејќи го намалуваат бројот на штетници.

„Поголема е опасноста човек да се разболи од глувчешка треска отколку да страда од каснување од змија“, предупредува Карамазан.

Тој им советува на граѓаните да ги затвораат вратите и да ги проверуваат можните места преку кои змиите би можеле да влезат во домовите и викендичките. Особено внимание треба да се посвети на растенијата и дрвјата во близина на куќите, доколку преку нив змиите би можеле да стигнат до прозорците или покривот. Необичниот „гостин“ од Кричке, сепак, наместо да остане во туѓиот кревет, завршил назад во природата.

CATEGORIES
Share This