ВЛАДАТА ФОРМИРА КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА НОВИНАРИТЕ До 15 декември треба да има план за безбедност

По закани и напади врз медиумските работници, Владата најавува нов институционален механизам - во фокусот се брзата реакција, полициската и правната заштита, но и ефикасното казнување на сторителите.

ВЛАДАТА ФОРМИРА КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА НОВИНАРИТЕ До 15 декември треба да има план за безбедност
Фото: Принтскрин

Владата донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, кој ќе ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници и ќе ја координира соработката меѓу институциите и медиумската заедница.

Како што соопшти владината портпаролка Марија Митева, една од главните задачи на Комитетот ќе биде изработката на национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите, кој треба да биде подготвен до 15 декември годинава.

Според Митева, целта е да се создаде систем што ќе овозможи превенција од закани и напади, но и услови новинарите слободно и непречено да ја вршат својата професија.

„Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“, истакна Митева.

Националниот акциски план ќе се темели на четири клучни области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.

Во делот на превенцијата, акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите. Планирани се и механизми за брза реакција, полициска и правна помош, како и заштита од закани во дигиталниот простор.

Посебно внимание, според најавите, ќе се посвети на случаите на напади и закани кон новинари, со цел да се обезбедат навремени и ефикасни истраги и соодветни санкции за сторителите.

Во составот на новото тело ќе влезат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.

Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа, поврзувајќи ги активностите со европските заложби за заштита на медиумските слободи.

Митева нагласи дека посебен фокус ќе биде ставен на новинарите кои секојдневно работат на терен, истражуваат теми од јавен интерес и известуваат во сложени околности.

„Нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат. Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики“, порача владината портпаролка.

Од Владата најавуваат дека определбата е институциите да бидат отворени кон јавноста, да се почитува слободата на изразување и новинарите да можат професионално и безбедно да ја извршуваат својата работа.

Клучниот следен чекор ќе биде изработката на акцискиот план до 15 декември, по што ќе треба да се види како најавените мерки ќе се спроведуваат во практика.

CATEGORIES
Share This