УАПСЕНО ТРЕТО ЛИЦЕ ЗА УБИСТВАТА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Двајца починати за пет дена, истрагата продолжува

Во Скопје во период од пет дена беа пронајдени телата на 62-годишен маж и 76-годишна жена со видливи траги на насилство.

УАПСЕНО ТРЕТО ЛИЦЕ ЗА УБИСТВАТА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Двајца починати за пет дена, истрагата продолжува
Фото: Принтскрин

Уште едно лице осомничено за убиствата во скопската населба Ѓорче Петров е уапсено вечерва. Ова е трето приведување во врска со двата случаи, кои ја вознемирија јавноста поради краткиот временски период во кој беа откриени.

Првиот случај бил пријавен на 22 октомври, кога во својот дом во Ѓорче Петров бил пронајден починат 62-годишен маж со траги од насилство. Пет дена подоцна, на 27 октомври, во семејна куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ било пронајдено и телото на 76-годишна жена, исто така со видливи траги од насилство.

Вториот случај бил пријавен во полицијата во 9:18 часот, откако ќерката ја пронашла својата мајка без знаци на живот. Екипа на Итната медицинска помош ја констатирала смртта, а по насоки на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.

И покрај сличностите и временската блискост на двата настана, од Јавното обвинителство засега не утврдуваат дали постои поврзаност меѓу смртните случаи. Од Обвинителството за „Скопје1“ посочуваат дека најнапред треба да се открие сторителот, по што ќе може да се испита дали двата случаи имаат заедничка позадина.

„За да се утврди евентуална поврзаност, мора да се открие кој е сторител“, наведуваат од Обвинителството.

И за двата случаи се наредени обдукции, кои треба да помогнат во утврдувањето на околностите и причините за смртта.

По третото приведување, се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции за основите на сомнежот, евентуалната поврзаност на осомничените со двата случаи и нивната можна улога во настаните.

Засега нема официјална потврда дека двата смртни случаи се дело на ист сторител. Истрагата треба да ги утврди сите околности, а повеќе детали се очекуваат по соопштувањето на надлежните институции.

CATEGORIES
Share This