ЕУ ПРИМЕНУВА ДВОЈНИ СТАНДАРДИ КОН МАКЕДОНИЈА Хрватската пратеничка со остра порака за блокадите

Маријана Петир повторно застана зад македонската евроинтеграција и порача дека билатералните спорови не смеат да го блокираат патот кон ЕУ, ниту македонскиот идентитет, јазик и историја да бидат предмет на политичко условување.

ЕУ ПРИМЕНУВА ДВОЈНИ СТАНДАРДИ КОН МАКЕДОНИЈА Хрватската пратеничка со остра порака за блокадите
Фото: Принтскрин

Хрватската пратеничка и долгогодишна поддржувачка на Македонија, Маријана Петир, повторно упати силна порака во поддршка на македонската евроинтеграција, критикувајќи ги билатералните пречки што го попречуваат напредокот на земјата кон Европската Унија.

По учеството на тркалезната маса „Патот на Македонија кон Европската Унија и хрватското искуство“, Петир истакна дека Македонија веќе 21 година ја чека реализацијата на својата европска перспектива, и покрај спроведените реформи и направените компромиси.

„Европската Унија не смее да применува двојни стандарди! Билатералните прашања не треба да бидат пречка за европската интеграција, а националниот идентитет, јазикот и историјата не смеат да бидат предмет на политичко условување“, порача Петир преку социјалните мрежи.

Хрватската пратеничка потсети дека за време на нејзиниот мандат во Европскиот парламент ја основала и ја предводела групата „Пријатели на Македонија“, преку која се залагала за европската перспектива на земјата, заемното разбирање и почитувањето на македонскиот идентитет. Според неа, и покрај тешките компромиси, меѓу кои ја посочи и промената на името на државата, европскиот пат на Македонија и понатаму останува блокиран.

„Македонија не бара посебни привилегии, туку правичен третман. Хрватска била и останува нејзин искрен пријател!“, нагласи Петир.

На тркалезната маса, посветена на македонскиот пат кон ЕУ и искуствата од хрватскиот процес на интеграција, учествувале и дипломатите Владимир Дробњак и Емил Крстевски, амбасадорот Златко Крамариќ и аналитичарот Мирче Адамчевски.

Настанот бил организиран од „Хрватско-македонска тангента“ и Хрватската паневропска унија, под покровителство на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.

Пораката на Петир повторно го отвора прашањето за билатералните условувања во процесот на проширување и за принципот дека европската интеграција треба да се заснова врз исполнување на критериумите, а не врз политички спорови околу националниот идентитет.

CATEGORIES
Share This