ПЛАТА ПО ЧАС НАМЕСТО МЕСЕЧНА ПЛАТА Се отвора голема промена за работниците во Македонија
Идејата за исплата според сработените часови добива поддршка и од работодавачите и од синдикатите.

Наместо досегашниот модел на месечна плата, работниците во Македонија во иднина би можеле да добиваат надомест според бројот на сработените часови. Идејата, која ја иницираше Сојузот на стопански комори, наидува на поддршка и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), од каде сметаат дека е време да се промени методологијата за пресметување на платите.
Сепак, останува отворено клучното прашање: дали саатницата ќе изнесува 150 денари или ќе биде потребно нејзино зголемување? Од КСС, на конференцијата посветена на минималната плата, засега не дадоа конкретен одговор. Од Владата порачуваат дека се отворени за дијалог и разгледување на предлозите, но нагласуваат дека се потребни дополнителни анализи пред да се донесе каква било одлука.
Работодавачите сметаат дека исплатата според сработените часови е прифатлив модел. Притоа, нагласуваат дека тоа не значи оти работодавачите ќе можат самостојно да одлучуваат колку часови ќе работи секој работник.
Од Сојузот на стопански комори, од каде што потекна иницијативата, велат дека ваквиот пристап може да донесе поголема флексибилност во работното време, повисока продуктивност и заштеди за компаниите.
Предлогот доаѓа во период кога работниците се соочуваат со ниски примања, несигурност и намалена куповна моќ. Во приватниот сектор, пак, зголемувањето на платите често се поврзува со растот на продуктивноста.
Според застапниците на овој пристап, повисоката продуктивност треба да создаде услови за повисоки плати, додека подобро платените работници би имале поголема мотивација да придонесуваат за развојот на компаниите.
Но, останува да се види дали евентуалната промена ќе донесе и реално повисоки примања за работниците или, пред сè, поинаков начин на пресметување на платата. Конкретните решенија ќе зависат од натамошниот дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите.
АКО ПЛАТАТА ВИ Е МОТИВ ДА СТАНЕТЕ ПРАТЕНИК Ич не се нафаќајте, работата во Собранието е тешка

